Еврокомесарот Јануш Војчеховски на денешниот состанок пред министрите за земјоделство го презентираше предлогот на Европската комисија за поддршка во вредност од 56,3 милиони евра, финансирана од земјоделската резерва, со која се очекува да се надоместат настраданите земјоделци за економските загуби поради зголемениот увоз на житни култури и маслодајни семиња и го ограничи влијанието на нерамнотежата на пазарот врз нивните одлуки за садење, рече ЕК.

Земјоделците во земјите кои граничат со Украина изразуваат загриженост за ефектите од зголемениот увоз на украински житарки и маслодајни семиња на локалните пазари. Прекините во трговијата предизвикани од руската агресија не треба да им наштетат на земјоделците од соседните земји.

Врз основа на оценката испратена од засегнатите земји-членки, Комисијата ја анализира ситуацијата, разгледувајќи ја прекумерната понуда на производи на национално и регионално ниво и можното влијание врз цените на локалното производство. Се разгледуваше и притисокот врз логистичките синџири, кој влијае на цените и пазарните можности за земјоделците во близина на границата, особено за Романија. Финансиската помош ќе биде распределена меѓу трите земји-членки, кои потоа ќе ја распределат на земјоделците што е можно поскоро.

Комисијата предлага да се доделат 29,5 милиони евра за Полска, 16,75 милиони евра за Бугарија и 10,05 милиони евра за Романија. Трите земји можат да ја надополнат оваа поддршка на ЕУ до 100 проценти со национални фондови, што би изнесувало вкупна финансиска помош од 112,6 милиони евра за погодените земјоделци, пишува „24Часа.бг“.