Активностите во економиите на еврозоната значително забавија во септември, попречени од проблемите со набавките што особено ја погодија индустријата и го забрзаа растот на цените, покажа во средата извештајот на лондонски „Маркит“.
Индексот на менаџерите за набавки на приватниот сектор во еврозоната (ПМИ) падна 2,8 поени во септември, втор месец по ред, на 56,2 поени, објави лондонската компанија за собирање и обработка на економски податоци.

Вредноста на индексот се уште сигнализира силен раст на активноста, но многу побавно отколку во летните месеци, посочуваат во Маркит.

„Актуелната економска ситуација во еврозоната е непожелна мешавина од зголемени ценовни притисоци и побавен раст, и двете се поврзани со недостиг на страната на понуда, особено во индустријата“, рече Крис Вилијамсон, главен бизнис економист со седиште во Лондон.

Индустријата е особено чувствителна на тековните проблеми со набавките, така што за прв пат од почетокот на пандемијата, забележа послаб раст на активноста од секторот услуги, објаснува Маркит.

Од друга страна, секторот на услуги беше притиснат од поизразено слабеење на побарувачката, делумно поради зголемената загриженост кај потрошувачите заради тврдоглавото ширење на корона вирусот и повисоките цени, но и стабилизирањето на потрошувачката по скокот во раните фази на економското отворање.

Од друга страна, индустријата се потпре на еластичната извозна побарувачка, што ѝ донесе посилен раст на приходите, посочуваат во „Маркит“.

Компаниите повторно го зголемија вработувањето во септември, но нивните капацитети се уште е тешко да ја издржат побарувачката, што се одрази во акумулацијата на нереализирани нарачки.

Инфлацијата повторно се забрза, по малото забавување во август, бидејќи трошоците за влез најмногу се зголемија откако Маркит започна да го следи индикаторот во јули 1998 година, особено во услужниот сектор, соопшти лондонската компанија.

Деловните лидери се уште се оптимисти во своите прогнози за следните 12 месеци, но значително помалку отколку во претходните шест месеци, забележува лондонската компанија.

„Иако целокупното темпо на (економскиот) раст е се уште релативно солидно, гледано од историска перспектива, економијата влегува во последниот квартал од годината во побавна траекторија на раст“, ​​заклучува Вилијамсон.

„Недостигот најверојатно ќе ја попречи индустријата и во 2022 година, така што солидното економско закрепнување се повеќе зависи од услужниот сектор“, предупредува лондонската фирма.