Економијата на САД забележа рекордна стапка на раст од 33,4 проценти во кварталот јули-септември, според крајните податоци на Министерството за трговија објавени денес.

Стапката на раст на бруто домашниот производ на САД за третиот квартал се зголеми малку во споредба со претходно објавената проценка од 33,1 процент, пренесува агенцијата АП, истакнувајќи дека поради епидемијата на случаи со коронавирусот, растот веројатно ќе забави во последните три месеци од 2020 година.

Силното закрепнување во последниот квартал го надомести катастрофалниот пад од 31,4 проценти забележан во периодот април-јуни, што е најлош пад во статистичките записи кои датираат од 1947 година.

Ројтерс објави дека, и покрај рекордниот раст во последниот месец, американскиот БДП е сè уште под нивото пред кризата за 3,4 проценти.

Дваесет и една индустрија, предводена од автомобилскиот сектор, придонесе за раст на БДП во последниот квартал, додека рударството (нафта, гас) забележа пад.

Приватната потрошувачка, што претставува две третини од американската економија, порасна на годишно ниво од 41 процент, а растот на потрошувачката на компаниите беше ревидирана нагоре на 22,9 проценти од претходно објавената бројка од 21,8 проценти, благодарение на силните инвестиции во опрема.

Американските работодавци скратија 22 милиони работни места во март и април, по што почнаа континуирано да ги враќаат вработените на работа. Сепак, бројот на работни места во САД е сè уште 9,8 милиони помалку отколку во февруари, а вработувањето забавува секој месец од јуни, според АП.

Организацијата за економски истражувања, Конференцискиот одбор, проценува дека растот на американскиот БДП ќе забави на 2,8 проценти во четвртиот квартал.