Економијата во Велика Британија порасна побрзо отколку што се очекуваше во четвртиот квартал и покрај големите ограничувања поради КОВИД-19, но нејзината големина е под нивото на пред-пандемијата и очекувањата за првиот квартал не се добри.

Бруто домашниот производ (БДП) порасна за 1% во трите месеци до декември во однос на претходниот квартал, покажуваат податоците на Заводот за национална статистика. Резултатот е нешто подобар од очекувањата на економистите анкетирани од Ројтерс за 0,5%.

На годишна основа, сепак, намалувањето е 7,8% – двапати над оној на Германија и три пати на Соединетите држави. Разликата во перформансите се одраз на долгите периоди на строги ограничувања во Велика Британија, силниот фискален стимул во САД и намалувањето на даноците во Германија, забележува Фајненшл тајмс.

За целата минатата година, економијата се намали за 9,9%, што е најголем пад во последните 300 години и двојно поголем отколку за време на финансиската криза. Ова го илустрира целосниот степен на штета од пандемијата.

Министерот за финансии Риши Сунак призна дека податоците покажуваат дека економијата доживеа сериозен шок како резултат на КОВИД-19. „И покрај тоа што има некои позитивни знаци на економска отпорност во текот на зимата, ние знаеме дека сегашната блокада продолжува да има значително влијание врз многу луѓе и бизниси“, рече Сунак.

Поголеми надежи за оваа година
Банката на Англија очекува економијата нагло да се намали во првиот квартал поради последната блокада на национално ниво. Но, фактот дека вакцинацијата се развива доста брзо во Обединетото Кралство во споредба со другите земји во Европа, предизвикува надеж за економско закрепнување од пролетта.

Самуел Томбс, главен економист во макроекономската агенција „Пантеон“, рече: „Очекуваме огромен квартален пораст од 6% од БДП во вториот квартал, проследен со пораст од 2,2% во третиот“. Ова може да значи побрзо закрепнување отколку во другите европски земји, каде ширењето на вакцината е многу побавно. Само во декември, економијата се прошири за 1,2% месечно, одразувајќи го делумното закрепнување по блокадата во ноември.

Џонатан Атоу, кој е дел од раководството на статистичката служба, забележува дека ублажувањето на ограничувањата во многу делови на земјата доведе до обновување на некои сектори во декември. Станува збор за продажба на автомобили, козметички салони и сектор за угостителство.

Секторот за услуги оствари најсилен скок, порасна за 1,7% во декември во споредба со претходниот месец, бидејќи отворањето продавници, барови и ресторани ја зголеми продажбата. Растот на производството е побавен од услугите, но сепак расте седми месец по ред. Спротивно на тоа, градежништвото паѓа за прв пат од пролетта.