Економистите предупредуваат дека можниот „супер“ Ел Нињо би можел значително да ги зголеми глобалните цени на храната, а последиците да се чувствуваат до 2028 година. Во услови на веќе високи цени поради геополитичките тензии, екстремните временски услови дополнително ќе го нарушат снабдувањето со храна, пишува „Гардијан“.

Според американската NOAA, постои 63% веројатност Ел Нињо во периодот 2026-2027 да прерасне во многу силен настан, со топлотни бранови, суши, поплави и бури кои ќе го погодат земјоделското производство.

Аналитичарите на „Голдман Сакс“ проценуваат дека глобалните цени на храната би можеле да пораснат за околу 16%, а целосниот ефект да се почувствува дури во втората половина на 2028 година, поради доцнењето во производството и синџирите на снабдување.

Најпогодени би можеле да бидат културите како оризот, кафето, какаото, шеќерната трска и палминото масло, додека земјите со пониски приходи се очекува да ги почувствуваат најтешките последици.

Според „УниКредит“, екстремен Ел Нињо би можел да го намали глобалното земјоделско производство за 14,3%, што би значело економска загуба од околу 342 милијарди долари, а цените на клучните прехранбени производи би можеле да пораснат од 10% до 50%, а кај некои култури и повеќе.