Врвни и еминентни експерти од големите светски брендови Тик-ток, Гугл, Пејонир, но и претставници од едни од најуспешните регионални бизниси ќе бидат дел од 5. јубилејно издание на Конференцијата за е-трговија која ќе се одржи утре во Скопје, под мотото „E-commerce: Accelerate!“. Говорниците преку предавања, панел дискусии и неформални разговори ќе ги пренесат своите експертизи и искуства од областа на е-трговијата, дигитализацијата и дигиталниот маркетинг.

Конференцијата годинава за првпат доби регионален карактер и истата е најголема досега – се очекува да присуствуваат повеќе од 500 гости – успешни претприемачи, е-трговци, директори и менаџери на компании и владини претставници од Македонија, Србија, Босна и Херцеговина, Албанија, Косово, Црна Гора и Бугарија што ја прави уникатна и единствена во регионот во своето петто јубилејно издание.

– „Главниот акцент на годинашното јубилејно издание ќе биде ставен на забрзувањето како клучен дел од претприемачкиот екосистем за постигнување на раст и развој на бизнисите. Со забрзувањето доаѓа потребата за проширување на знаењето и имплементација на нови алатки, тактики, и стратегии. Многу компании успеваат да ја прилагодат е-трговијата како нивен примарен или дополнителен канал за продажба, но се уште не е остварен целосниот потенцијал кој го нуди е-трговијата за раст на бизнисите.“ – велат од Асоцијацијата за е-трговија на Македонија, кои се организатори на овој настан.