Бури, поплави и други екстремни временски и климатски настани предизвикаа речиси 500 милијарди евра економска штета во Европа од 1980 до 2020 година, се вели во извештајот на Европската агенција за животна средина (ЕЕА).

Во 32-те земји од европската економска област, која ги опфаќа Швајцарија, Норвешка, Исланд, Лихтенштајн и Турција, вкупната штета се движи од 450 до 520 милијарди евра, според анализата на ЕЕА.

Само околу една четвртина од вкупните загуби се покриени.

Германија, најнаселената земја членка на ЕУ, пријави најголема вкупна економска штета, околу 110 милијарди евра за 41 година, според еколошката агенција NatCatSERVICE.

Штетите во Италија се околу 75 милијарди и во Франција околу 71 милијарда евра.

Во Хрватска временските и климатските непогоди од 1980 до 2020 година предизвикале економска штета од приближно 3,2 милијарди евра, според NatCatSERVICE, со осигурена сума од 76 милиони евра.

Слична штета претрпе и Норвешка, но со многу повисока осигурена сума од 1,79 милијарда евра.

Најголема загуба на жител е забележана во Швајцарија – од 2.224 евра, покажуваат податоците на CATDAT, кои агенцијата ги користела како извор.

Екстремните временски и климатски настани однесоа од 85.000 до 145.000 животи во европската економска област помеѓу 1980 и 2020 година, според CATDAT и NatCatSERVICE.

Најголем број смртни случаи се предизвикани од топлотен удар, дури 85 отсто, а особено тежок е забележан во 2003 година.

Најголем број луѓе починале во Франција – 26.775, според CATDAT. NatCatSERVICE наведува дека биле погодени 23.693 лица.