Околу една третина од новите автомобили што се продадоа во Норвешка минатата година беа чисто електрични, нов светски рекорд, додека земјата се обидува да стави крај на продажбата на возила со фосилни горива до 2025 година.

 

Во обид да ги намали емисиите на јаглерод и загадувањето на воздухот, Норвешка ги ослободува батериите од повеќето даноци и нуди поволности како што се бесплатни паркиралишта и места за полнење за да се забрза менувањето од дизел и бензински мотори.

Независната Норвешка патна федерација денес објави дека електричните автомобили се зголемиле на 31,2 отсто од продажбата минатата година од 20,8 отсто во 2017 година и само 5,5 отсто во 2013 година, додека продажбата на автомобили на бензин и дизел автомобили опаднала.

“Тоа беше мал чекор поблиску до целта зацртана за 2025”, кога норвешкиот парламент сакаше сите нови автомобили да бидат ослободени од штетни гасови, изјави на конференцијата Ојвинд Солберг Торсен, шеф на НРФ.

Но, тој предупреди дека има долг пат, бидејќи две третини од 148.000 автомобили продадени во 2018 година во Норвешка се напојувани со фосилно гориво или се хибриди, кои имаат и мотор на батерии и мотор со внатрешно согорување.

Податоците за продажбата го консолидираат глобалното водство на Норвешка во продажбата на електрични автомобили по глава на жител, дел од обидот на најголемиот произведувач на нафта и гас од Западна Европа за зелена економија.

Меѓународната агенција за енергија (ИЕА), користејќи малку поинакво мерило за електрични возила што вклучува хибриди кои можат да се вклучат, покажа дека уделот на Норвешка е 39 отсто во 2017 година, далеку понапред од вториот Исланд со 12 отсто и Шведска со 6 отсто.

Спротивно на тоа, таквите електрични автомобили имале удел од 2,2 проценти во Кина во 2017 година и 1,2 проценти во САД, покажуваат податоците на ИЕА.