Вложувањата во инфраструктурата покажуваат позитивен ефект во растот на БДП, но тоа зависи и од другите фактори што учествуваат во формирањето на овој макроекономски индикатор. Економските анализи покажуваат дека вкупното ниво на инвестициите во БДП мора да биде 25 отсто за да се оствари одржлив раст на земјата од пет отсто годишно!

Инфраструктурните инвестиции и динамиката на растот на БДП

Во досегашниот период во Македонија беа преземани големи инфраструктурни зафати, кои сепак не се одразија позначително и во рамките на некакви однапред предвидувања, за позабрзан развој на националната економија. Очекувања за високи стапки на раст беа искажувани од надлежните и пред почетокот на изградбата на автопатот Кичево – Охрид или на пример во подалечното минато, со изградбата на хидроцентралата Козјак, но тие не се остварија. Зошто?

Реален оптимизам за раст, но пред сѐ принцип на транспарентност и
легалитет за остварување на крупните проекти

Зошто треба да се земат со резерва и најновите најави на неколку државни функционери за висината на вредноста на најавените јавни проекти од околу седум милијарди евра, кои треба да овозможат годишен раст од пет отсто?
Имено, оптимистичките прогнози од Министерството за финансии, со кои тие излегоа во јавноста при отворањето на постапката за изградба на автопатиштата од коридорите 8 и 10 Д (за кои деновиве имаше голем број реакции од правните и економските експерти за начинот на кој беше направен договорот со странските изведувачи) се дека „за време на реализацијата на проектот инвестициите по основа на овие проекти на годишна основа, во периодот од 2023 до 2027 година, би се движеле од 240 до 320 милиони евра годишно“.
Второ дека „изградбата на четирите делници нови модерни автопатишта, во должина од 110 километри, во вредност од 1,3 милијарда евра, треба да ги поткрене домашното градежништво и индустриско производство“.
И трето дека „ќе овозможат економски ефект годишно над два отсто од номиналниот БДП“.

Добро е да има инфраструктурни реализации, секако спроведени во законска процедура, но за раст на БДП има и други фактори

Вложувањата во инфраструктурата покажуваат позитивен ефект во растот на БДП, но тоа зависи и од другите фактори што учествуваат во формирањето на овој макроекономски индикатор. Економските анализи покажуваат дека вкупното ниво на инвестициите во БДП мора да биде 25 отсто за да се оствари одржлив раст на земјата од пет отсто годишно!
Покрај тоа, треба да се има предвид и колку ќе биде задолжувањето на земјата за реализацијата на јавните инвестициски зафати, во период кога постојат неповолни банкарски услови, но и високиот надворешен долг на државата.
Покрај почнувањето големи државни градежни и инфраструктурни работи, потребно е да се оствари и континуиран раст на приватните инвестиции во малите и средните претпријатија, кои треба да бидат носечки во остварувањето одржлив и континуиран развој на македонската економија. Овозможувањето подобрата конкурентност на домашните компании е клучниот фактор за подобрување на извозот и за намалување на трговскиот дефицит на земјата, кој со години е на високо ниво и негативно влијае и на растот на БДП.
Во најновиот сообраќаен проект се отвораат повеќе прашања што се поврзани со ефикасноста на извршувањето на јавните инвестиции. Деновиве имаше многу забелешки за (не)транспарентноста и брзината со која се дојде до потпишување на договорот, а потоа и дополнителните измени на законите може дополнително да ја усложнат постапката околу експропријација на земјиштето и другите технички проблеми што би се јавиле во текот на градбата, а со тоа да се пролонгира рокот на изградбата од првично определените пет години.
Индиректните ефекти од подобрувањето на сообраќајната инфраструктура во земјата ќе се видат во иднина, преку евентуално зголемување на прометот на стоки и услуги. Но тоа што е неизвесно е колкави ќе бидат сегашните бенефиции преку отворањето нови работни места за домашните компании и порастот на потрошувачката и секако порастот на БДП.

Забелешки од градежниците

Од градежните здруженија во Македонија беа искажани забелешки дека главниот финансиски колач од проектот ќе го имаат странските компании. Со давањето повластени услови за работа за странските изведувачи, домашните компании се ставаат во подредена улога, а со тоа се доведува во прашање и одржувањето на нивната конкурентност.
Податоците објавени од Народната банка на Македонија покажуваат големи осцилации на економскиот раст. Највисок раст над пет отсто имавме само во 2007 и 2008 година. Просечната годишна стапка на раст на националната економија во периодот од 2000 до 2019 година е околу 2,8 отсто. Споредбата меѓу Македонија и Европската Унија, од нашето осамостојување, не покажува значително намалување на разликата во нивото на БДП по жител.
Економските експерти предупредуваат на анализата и доколку и се остварат овие владини предвидувања, сѐ уште ќе бидеме далеку од планираните проекции за забрзан економски раст, кој, според економските аналитичари, во нашата земја треба да се развива со континуирани стапки на раст од минимум шест отсто, за да може да направи приближување кон високоразвиените земји од Европската Унија. Во спротивно, едноставните пресметки откриваат дека доколку не се развиваме со двоцифрена стапка на раст, ние никогаш нема да се приближиме до просечното БДП на ЕУ, туку само ќе се оддалечуваме. Ова ќе биде повторно предмет на нова анализа во наредните текстови на економската рубрика.

 

Извор: Нова Македонија