Европарламентот (ЕП) денеска го одобри „Планот за закрепнување“, со што се отвори патот за пристап до членките на Европската унија (ЕУ). Тој “пат” е скоро 700 милијарди евра заеми и грантови за решавање на ефектите од кризата предизвикана од пандемијата, јави германската новинска агенција ДПА. Грантови во вредност од околу 300 милијарди евра ќе бидат издвоени за инвестиции и реформи за стимулирање на економијата. За пристап до парите, земјите од ЕУ мора да достават планови за трошење до 30 април.

Европската комисија и членките на ЕУ ќе мора да се согласат на секој од плановите. Пратениците го усвоија „Планот за закрепнување“ со големо мнозинство. Членовите, исто така, мора официјално да го проценат пакетот, но не се очекуваат големи пречки за усвојување.

Германската ДПА посочува дека се очекуваат поголеми проблеми при усвојувањето на таканаречената “Одлука за сопствени ресурси”, што и овозможува на ЕУ да позајмува пари на пазарите. Поголемиот дел од фондот за кризи ќе се финансира на овој начин. По ратификувањето и одобрувањето на националните планови, Европската комисија ќе ги распредели парите на владите, но тоа не се очекува во текот на следните неколку месеци поради комплицирани процедури и контроли.