Според официјалните податоци, годишната стапка на инфлација во Турција во јануари достигна највисоко ниво од април 2002-ра година. Потрошувачките цени се зголемени за 48,7 отсто во однос на истиот период во јануари минатата година, а за 36,1 отсто во однос на годишната стапка во декември.
Според истите податоци, месечната инфлација во првиот месец од 2022-ра година изнесува 11,10 отсто.
Покрај тоа, група од 20 аналитичари од „Anadolu Agency“ прогнозираат годишен раст на потрошувачките цени во јануари од 48,42 отсто.
Од друга страна, Централната банка на Турција (ЦБРТ) минатата недела ги зголеми годишните прогнози за инфлацијата за оваа, како и за следната година, нагласувајќи дека поддршката на лирата е клучна цел на нејзиниот тековен преглед на политиката.
Проценката на индексот на потрошувачките цени за крајот на 2022-ра година е зголемена на 23,2 отсто, а ЦБРТ во октомврискиот извештај прогнозира дека инфлацијата ќе се намали на 11,8 отсто до крајот на 2022-ра година.
Кога станува збор за 2023-та година, ЦБРТ предвиде инфлација од 8,2 отсто, додека во 2024-та година треба да се постигне прокламираната цел од пет отсто.
Во меѓувреме, податоците за јануари се попесимистички, па се очекува инфлацијата овој месец да достигне рекордни 50 отсто, а во мај близу 55 отсто, додека остар пад се очекува во третиот квартал од годинава.
Исто така, ЦРБТ ја зголеми проекцијата на инфлацијата на храната на крајот на годината на 24,2 отсто, наспроти 13,9 отсто колку што беше проектирана за крајот на 2023-ра година.
Да потсетиме, ЦБРТ во септември минатата година ја намали референтната стапка на 14 од 19 проценти.
Патем, се покажа дека турските власти не се имуни на статистиките кои не се во согласност со нивните дневно-политички или долгорочни цели, па турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган во јануари го разреши првиот човек на националната статистичка агенција, по објавувањето на податоците за годишната инфлација.
На Ердоган во тој момент му пречеше тогашниот рекорд од 36,1 отсто, а инстант решение беше да го критикува шефот на Националното биро за статистика Саит Ердал Динчер.
Од друга страна, опозицијата дури отиде и чекор подалеку во критиките на Динчер, но од гледна точка на Ердоган, тврдејќи дека бројката од 36,1 отсто е потценета, бидејќи трошоците за живот се речиси двојно зголемени.
Со истиот указ, Ердоган ја спроведе изреката дека секој е отстранлив, а на испразнетото место веднаш го назначи поранешниот потпретседател на турскиот банкарски регулатор Ерхан Четинкаја. Сепак, самиот декрет остана празен за да се објасни ова назначување.
Постапките на Ердоган може да се толкуваат низ призмата на тоа дека во Турција за година и пол се одржуваат избори, а претседателот не сака да остави впечаток на некој кој е склон да ги менува ставовите.
„Решени сме да ја вклучиме нашата земја во економската лига на шампиони“, рече Ердоган.
Во таа шифра може да се прочита и неговата втора изјава од почетокот на јануари, дека во најбрз можен рок ќе ја врати инфлацијата на едноцифрени вредности. Да потсетиме, минатата година минималната плата во Турција беше зголемена за 50 отсто, на околу 275 долари месечно, а платите на службениците и пензионерите беа зголемени во опсег од 26 до 31 отсто.