ЕСМ ќе штеди со праќање работници на принуден одмор. Бројка колку работници би биле испратени на принуден одмор нема. 

Од Електрани соопштија дека се уште се прават анализи во секторите..Но велат целта е да се намалат непродуктивните трошоци во време на енергетска криза. Нема да купуваат ниту нови возила, освен потребни за производство, стопирани се спонзорства, репрезентаци, службени патувања…. Сведена е на неопходниот минимум исплатата на прекувремени работни часови, додека законската дневница за патување се исплаќа во половина износ.

„Од тие причини, во тек е постапка на утврдување на работни места кои не се неопходни за производството на електрична енергија во одреден временски период. Извршителите на утврдените работни места ќе бидат упатени на принуден одмор не подолг од три месеци, согласно Законот за работни односи, со исплата на 70% од платата.“ информираа од ЕСМ.

Од синдикатот на ЕСМ се против. Претседателот Јове Смилевски за Канал 5 вели дека до нив ваков документ официјално не е пристигнат, но дециден дека нема да го поддржат.

„До мене не е стигнат таков документ за да заземеме став како, ама еве одма ви кажувам дека ниеден… Мораме ние да ги заштитиме сите работници без разлика производство или не, тие се вработени во компанијата. Не се сложува синдикатот со оваа одлука која е донесена.“ изјави Јове Смилевски, претседател на синдикат на ЕСМ.

Од опозициската ВМРО-ДПМНЕ побараа оваа мерка да не се спроведе и понудија бесплатна правна помош за овие рабоници.

„Внимавајте ваква одлука доаѓа во исто време кога истиот Ковачевски, на истиот ден 3ти декември потпишува нов заклучок со кој бара да се ангажираат лица преку Агенција за привремени вработувања кои би почнале со работа од 1ви јануари 2022 година. Наместо Ковачевски да поднесе одговорност за својата неспособност, наместо Ковачевски да одговара за тоа што ЕЛЕМ го претвори во загубар поради неодговорното работење, тој удира по работниците.“ изјави Силвана Ангелевска, пратеничка од ВМРО-ДПМНЕ.

Инаку претходно ЕСМ разреши двајца директори на РЕК Битола и Осломеј, по низата дефекти во комбинатите и минималното домашно производство, поради што од јануари домаќинствата ќе плаќаат и повисоки сметки за струја.