Етиопија ќе усвои закон кој им дозволува на странците да поседуваат недвижен имот како дел од поширокиот план на земјата за отворање на економијата и привлекување инвестиции, најави етиопскиот премиер Абиј Ахмед.

Ахмед изјави за државната телевизија дека владата на Етиопија го финализира новиот закон со кој на странците им се дозволува да поседуваат недвижен имот, иако не кажа кога законот ќе биде доставен до парламентот на одобрување, пренесе Ројтерс. Тој посочи дека Владата има намера да ги измени постоечките закони со цел да го отвори малопродажниот сектор во земјава.

Во Етиопија во моментов на странците им е забрането да поседуваат имот, станбени или деловни објекти, што е пречка за привлекување странски инвестиции.

Во последниве години, владата на Етиопија отвора делови од строго контролираната економија, како што се телекомуникациите и банкарството, за странски инвестиции како дел од планот за зголемување на приливот на странски капитал за да се поттикне економскиот раст и да се отворат нови работни места во земјата на повеќе од 100 милиони луѓе, пренесува Танјуг.