И Македонија заедно со ЕУ ќе може да купува течен гас од САД. Нашата држава како и останатите од Западен Балкан ќе бидат вклучени во платформата за заедничко купување на овој енергенс, која ја договорија ЕУ и САД. Целта е делумно ослободување од зависноста на рускиот гас. Ваквите заклучоци биле договорени вчера во Брисел, по состанокот на лидерите од ЕУ и претседателот на САД Бајден. За одлуката на ЕУ благодарност изрази и премиерот Ковачевски кој на ФБ посочи дека со колективното настапување на пазарот во време, полно со предизвици ќе се обезбеди овој енергенс по пониска цена.

Како резултат на политиката на солидарност, Северна Македонија се приклучува кон Платформата на ЕУ за заедничко купување течен гас и хидроген. Преку колективно настапување на пазарот, целта е да се обезбеди пониска цена за гас. Во ова време полно предизвици заедничката стратегија „заедно сме посилни“ дава резултати.

Благодарност до ЕУ што во време на енергетска криза донесе одлука Северна Македонија да стане дел од оваа платформа за заедничко купување течен природен гас како дел од стратегијата за справување со последиците од руската агресија врз Украина, напиша Ковачевски на ФБ

Експерите пак сметаат дека обидот делумно да се замени рускиот гас со течен од САД, воопшто не е едноставен процес. За да може да се испорачува, ќе треба целосно да се гради нова инфраструктура, но е и многу поскап. Дел од државите во Европа немаат терминали за течен гас и ќе треба допрва да се градат, а додека да бидат готови ќе поминат неколку години.

Уште еден проблем за експертите е и тоа колкави количини ќе може да се обезбедат и кој колку ќе земе од колачот. Претпоставките се дека приоритет ќе бидат потребите на земјите од ЕУ, па потоа помалите држави.

Во моментов Европа над 40 проценти од потребите на гас ги обезбедува токму од Русија. Со разгорувањето на кризата на истокот, Москва не ја сопре испораката на гас, но пред неколку дека Путин најави дека наместо со евра и долари тој ќе може да се купува во рубљи. Оваа одлука се носи како контра удар на санкциите кои Европа ги воведе за Русија. Важи за сите непријателски земји, меѓу кои се најде и Македонија.