Европската Комисија предложи зголемување на царините за увоз во ЕУ на житни култури, маслодајни семиња и производи од Русија и Белорусија, меѓу останатото и за пченица, пченка и сончоглед, со цел да го ограничат нивниот пласман на европскиот пазар.

Според ЕК, со ваквите мерки ќе се спречи дестабилизација на европскиот пазар со значителен пласман на руските житни производи и на нелегално присвоеното жито произведено на окупираните територии во Украина, а во исто време ќе се оневозможи Русија да ги користи приходите од таквиот извоз во ЕУ.

Претседателката на Европската Kомисија, Урсула фон дер Лајен оцени дека царините се воведуваат за да се ублажи растечкиот ризик за пазарот и земјоделците во ЕУ.

„Тие ќе го намалат капацитетот на Русија да ја искористува ЕУ за нејзината воена машинерија. Со ова опстојуваме на нашата посветеност за зачувување на глобалната безбедност на храната, особено за земјите во развој“, изјави Фон дер Лајен.

Според неа, со царините ќе се воспостави баланс меѓу поддршката за европската економија и за земјоделските заедници во ЕУ, а во исто време со нив се изразува непопустлива поддршка на Унијата за Украина.

ЕК посочува дека зголемените царини ќе важат и за Белорусија, поради нејзините блиски политички и економски врски со Русија.

„Со вклучување на Белорусија во новата мерка, ЕУ ќе ја спречи Русија да ја користи за да ги заобиколи новите царини и да ги канализира своите стоки на пазарот на Унијата“, нагласува Комисијата.

Одлуката не се однесува за транзитот на житни култури, маслодајни семиња и нивни производи од Русија и Белорусија кон трети земји преку територијата на ЕУ, со што се покажува дека Унијата „останува целосно посветена на промоција на безбедноста на храната на глобално ниво, особено кога станува збор за земјите во развој“.