Земјоделците кои протестираа низ Европа успеаја да ја добијат својата прва отстапка од Брисел, откако Европската унија најави одложување на регулативата со која се бараше 4% од обработливото земјиште да остане недопрено за да се зајакне биолошката разновидност.

Потпретседателот на Европската комисија, Марош Шефчовиќ ја опиша одлуката како „рака на помош“ за земјоделскиот сектор во тешки времиња.

Наведувајќи ги поплавите, шумските пожари во Грција, топлотните бранови низ јужна Европа и сушата во Шпанија, тој рече дека е важно да се слушаат земјоделците и „да се избегне поларизацијата што го отежнува секој разговор и дебата“.

„Чувствуваме дека сме должни да дејствуваме под овој притисок што го чувствува земјоделската заедница. Имавме бројни екстремни временски настани, суши, поплави во различни делови на Европа и имаше јасен негативен ефект врз производството и намален приход за земјоделците“, рече тој.

Според новите предлози, земјоделците нема да имаат обврска да одвојуваат ниту еден дел од земјиштето до 2025 година.

Промената доаѓа во време на големи протести на земјоделците ширум Европа, при што пристаништето Зибриж е блокирано во Белгија, а протестите продолжуваат во Франција и Италија.

Земјоделците се загрижени за високата цена на земјиштето, притисокот од големите трговци на мало да ги намалат цените и голем број нови еколошки правила кои доаѓаат во форма на закони на ЕУ за природата.

Запрашан дали денешната отстапка ќе биде доволна за да се запрат протестите, Шефчовиќ вели дека ЕУ морала да го „интензивира“ дијалогот со земјоделците за да се увери дека ќе бидат сослушани и нагласи дека во иднина сепак ќе треба да се грижиме на екологијата. „Мораме да се погрижиме Европа да стане континент каде што ќе може да се живее во иднина“, заклучи тој.