Започна европскиот натпревар за социјални иновации за 2018 година со кој може да освоите една од трите награди во висина од 50.000 евра за иновации наменети за зајакнување на младите.

На 20 март 2018 година во Париз беше лансиран новиот конкурс за европски натпревари за социјални иновации. Конкурсот, кој го води Европската комисија, има за цел да ги поттикне и да ги истакне социјалните иновации, идеи и проекти низ цела Европа.

 

 

Оваа година конкурсот е насловен „РЕ: тинк локал“, а се бараат идеи што ќе ги поттикнат младите да ги искористат или да создадат економски можности во својата област со помош на нови технологии и нови начини на работа.
Трите најдобри проекти ќе добијат по 50.000 евра за идеи со кои ќе ги искористат локалните карактеристики и ќе создадат можности младите да ја менуваат економијата.

 

– Во последниве години економијата се менува брзо. Има многу нови начини за правење бизнис, со употреба на современа технологија или нови типови работа. Во некои региони и локални заедници овие промени доведоа до просперитет, додека кај други луѓето се борат да се приспособат, а оние што можат, се селат за да најдат работа на друго место. За да помогне да се создадат можности на локално ниво, изданието на Европскиот натпревар за социјални иновации во 2018 година бара нови идеи за зголемување на шансите за вработување на младите во нивните локални заедници.

 

Трите победнички проекти ќе добијат по 50.000 евра поединечно, средства што треба да ги искористат за да ги стартуваат идеите со кои ќе направат разлика во нивната средина – вели Славомир Токарски, директор за иновации и напредни производство од Генералниот директорат на Европската комисија за внатрешен пазар, индустрија, претприемаштво и мали и средни претпријатија.

Тој исто така вели  дека најдобрите идеи може да се рашират или да се реплицираат низ цела Европа и дека е особено среќен што ќе ја види конкуренцијата што стартува во Париз.

 

Првобитната програма вклучуваше увид, предизвици и студии од иноватори и експерти од Франција и од цела Европа. Исто така, се истражуваа пристапи за поддршка на младите што се борат да најдат работа во нивната економија. Новите технологии и начини на работа користат одредени делови од општеството и одредени места, па има опасност другите области да заостанат.

 

Младите луѓе мора да бидат способни целосно да учествуваат во економијата и да ги користат можностите за развивање нови, приспособени вештини и без разлика каде живеат.

 

Годинешниот предизвик е за идеи и проекти што ги користат технологиите или овозможуваат работа со која ги ревитализираат регионите или локалните заедници што ризикуваат да ги загубат своите млади луѓе и нивните таленти поради недостиг од економски можности.

 

Идеите може да вклучуваат, но не се ограничени на иницијативи што користат нови технологии и начини на работа за да обезбедат можности за маргинализираните млади во нивните локални заедници. Потоа идеи што ќе им помагаат на младите да станат иноватори во создавање сопствени можности за паметно, инклузивно и одржливо вработување во нивната локална средина.

 

 

Во програмата може да конкурираат и идеи создадени за младите да можат да одговорат на специфичните барања во својата локална заедница за вештини, искуства и можности или пак решенија за подобрување на квалитетот на животот и финансиската сигурност на младите со нередовна работа. Исто така, прифатливи се и иновации што обезбедуваат информации, совети и упатства што младите ќе можат да ги користат во новата економија. Програми што им овозможуваат на следната генерација работници вештини со кои младите ќе ги искористат технолошките промени.