Европската комисија претстави акциски план кој предвидува воспоставување „сообраќајни ленти на солидарноста“ за да се овозможи извоз по копнен пат на житарките и останатите земјоделски производи од Украина, чии пристаништа се блокирани за време на конфликтот со Русија.

Во нормални околности, 75 отсто од украинското производство на житарки оди за извоз, што претставува петтина од украинските извозни приходи. Пред руската инвазија 90 отсто од извозот на житарки и масларки одеа преку украинските црноморски пристаништа.

„За помалку од три месеци 20 милиони тони житарки ќе мора да ја напуштат Украина користејќи ја инфраструктурата на ЕУ. Тоа е џиновски предизвик и затоа мора да се координираат и оптимизираат логистичките ланци, да се воспостават нови рути и да се избегнат, колку што е можно, тесни грла“, наведе ЕК.

Поради конфликтот и блокадата на украинските пристаништа житарките и останатите земјоделски производи не можат да се извезуваат, што претставува глобална закана за снабдувањето со храна. Третина од украинскиот извоз оди во Африка, која поради тоа сега би можела да гладува.

И покрај големите напори на ЕУ и нејзините членки за забрзување на преминувањето на граничните премини со Украина, илјадници камиони и вагони чекаат на украинска страна за преминување на границата. Просечното време на чекање за премин на железничките композиции е 16 дена, но на некои граници и до 30 дена. Еден од најголемите предизвици се различни ширини на пругите: украинската железница не е компатибилна со повеќето железници во ЕУ, па робата треба да се претовари во камиони или вагони кои одговараат на стандардната ширина на ЕУ, на што се губи многу време.

Комисијата ги повика учесниците на пазарот на ЕУ итно да стават на располагање дополнителни превозни средства. За да ги усогласи побарувачката и понудата и да воспостави релевантни контакти, Комисијата ќе формира логистичка платформа за поврзување и ќе побара од државите членки да одредат специјални контактни точки на „лентите на солидарноста“.

Европската комисија ги повика националните тела да бидат максимално флексибилни и да обезбедат соодветен персонал за да се забрзаат процедурите на граничните премини. Комисијата најави дека ќе ги процени расположливите магацински капацитети на ЕУ и во координација со државите членки ќе обезбеди повеќе капацитети за привремено складирање на украинскиот извоз.

На среден и долг рок Комисијата ќе работи на зголемување на инфраструктурниот капацитет на новите извозни коридори и на воспоставување нови инфраструктурни врски во рамки на обновата на Украина.