Европската унија (ЕУ) се подготвува да воведе царини за американски производи во вредност од околу 100 милијарди евра како одговор на царините на Доналд Трамп доколку преговорите не успеат, изјавија денес европски дипломати за агенцијата Франс прес.

Американскиот претседател даде бројни најави за царински мерки од март. Трамп одлучи да воведе дополнителни царини од 20 проценти за поголемиот дел од увозот од Европа, чие спроведување, сепак, беше суспендирано до јули во обид да се најде решение за трговскиот спор. Во моментов, основната царинска стапка од 10 проценти што ја наметна Трамп сè уште важи за стоките што ЕУ ги извезува во САД.

Челикот, алуминиумот и автомобилите од Европа дури се соочуваат со дополнителна царина од 25 проценти. ЕУ се надева дека ќе постигне договор со Вашингтон за да се избегне трговска војна, но сака да биде подготвена да возврати доколку преговорите не успеат. Европската комисија, која управува со трговската политика на ЕУ, минатата недела ги извести земјите-членки дека ќе воведе зголемени тарифи за американските производи, со што ќе се соберат речиси 100 милијарди евра приходи, како одговор на претходно споменатите американски тарифи од 20 проценти, доколку не се постигне договор, соопштија дипломатски извори.