Европската унија (ЕУ) покрена тужба против Кина во Светската трговска организација (СТО) поради ограничување на способноста на европските компании кои работат на кинескиот пазар да тужат пред странски судови за да ги заштитат своите патенти. Ова го соопшти ДПА, повикувајќи се на соопштение на Европската комисија.
Телекомуникациските компании како Ериксон и Нокиа, кои имаат права на клучни технологии како што се мрежите од петтата генерација (5G), се особено погодени.
Европската комисија соопшти дека Кина ги ограничува компаниите од ЕУ „да ги штитат нивните права кога нивните патенти се користат незаконски или без надомест“, на пример од кинеските производители на мобилни телефони.
Ако имателите на патенти се обратат до судови надвор од Кина, тие често се предмет на значителни парични казни. Оваа практика ги притиска да ги подмират таксите за лиценци под пазарните цени, додаде комисијата.
Во август 2020 година, Врховниот суд на Кина пресуди дека кинеските судови би можеле да им забранат на сопствениците на патенти да се обраќаат до странските судови за да ги заштитат нивните патентни права. За прекршување на таквата наредба може да се изрече дневна казна од 130.000 евра (147.540 долари).
„Оваа кинеска политика е крајно штетна за иновациите и растот во Европа, ефикасно лишувајќи ги европските технолошки компании од можноста да ги користат и да ги спроведуваат своите права што им даваат технолошка предност“, соопшти Европската комисија, цитирана од ДПА.
Консултациите со Кина се првиот чекор во процедурите на СТО. Доколку Пекинг ги одбие консултациите или ако тие не доведат до „задоволително решение“, ЕУ би можела да го предаде прашањето до арбитражен комитет, што би можело да доведе до одмазднички мерки како што се казнени царини за кинескиот увоз.