Европската унија ќе воведе ограничување на плаќањата во готово до 10.000 евра, кое ќе почне да се применува од јули 2027 година. Одлуката е донесена во 2024 година како дел од пакет мерки за борба против перење пари, во рамки на Регулативата 2024/1624.
Лимитот се однесува на плаќања за стоки и услуги кога барем една страна во трансакцијата е правно лице, односно компанија или фирма. Тоа значи дека граѓаните нема да можат, на пример, да купат автомобил од 50.000 евра во автосалон и да го платат целосно во готово.
Сепак, ова ограничување не важи за трансакции меѓу физички лица. Така, купување половен автомобил од друг граѓанин и натаму ќе може да се изврши во износ поголем од 10.000 евра, зависно од националните правила на секоја земја членка.
Регулативата им остава простор на државите членки да воведат и пониски лимити. Вакви ограничувања веќе постојат во одредени земји, како што е Италија.
Иако во јавноста се појавија шпекулации дека ЕУ со оваа мерка сака да ја укине готовината, експертите нагласуваат дека не станува збор за забрана, туку за ограничување на користењето кеш за поголеми суми. Граѓаните и компаниите ќе можат и понатаму да користат готовина за помали трансакции.
Главната цел на мерката е спречување на перење пари и финансирање тероризам, како и намалување на анонимните големи трансакции. Со воведувањето на лимитот, ЕУ има намера да насочи повеќе плаќања кон системи што можат да се следат, со што се намалува просторот за злоупотреби.
Според проценките на Обединетите нации, на глобално ниво секоја година се перат меѓу два и пет проценти од светскиот БДП, односно до 1,87 милијарди евра. Дополнително, извештај од 2023 година покажал дека околу 70 проценти од криминалните мрежи во ЕУ користат перење пари за финансирање на своите активности, при што најчесто се користи готовина.