Апелацискиот суд ја одбил жалбата на група штедачи на Еуростандард, комплетирана на 20 септември, против донесеното Решение на Основниот граѓански суд Скопје, со кое е одбиено нивното барање за запирање од извршување на сите поединечни акти донесени во стечајната постапка врз основа на член 163 став 3 од Законот за банки, кој се укина со Одлука на Уставниот суд од 25.5.2021 година.

Здружението на оштетени штедачи „Правда за штедачите“ вели дека нема да ја коментира одлуката на судот, затоа што тоа не се прави, но го повикува Судскиот совет да отвори предмет „во однос на стручноста и совесноста при постапувањето на судиите во Апелациониот Суд Скопје Мери Дика Георгиевска претседател, м-р Наташа Савовска Димитровска и Петранка Ташева, членови на советот, по предметот ТСЖ-1554/21 оформен по жалба против Решението СТ-123/20 од 27.8.2021 година на Основниот Граѓански Суд Скопје“.

„Ретко некој да може да поверува дека жалбата поднесена до Основниот граѓански суд Скопје на 16.9.2021 година, дополнета на 20.9.2021 година, доставена во архивата на Апелацискиот суд Скопје на 22.09.2021 година, веќе на 23.9.2021 година била решена. И одбиена како неоснована, се разбира. Внимавајте, предметот во архивата на Апелациониот суд бил доставен на 22.9.2021 година, за на 23.9.2021 година веќе да е постапувано и донесено решение по него. Ја повикуваме судијата известител м-р Наташа Савовска Димитровска и судиите Мери Дика Георгиевска и Петранка Ташева да образложат кога успеаја да го проучат овој обемен предмет составен од илјадници документи и докази и колку време, на секој судија поединечно, му требаше за проучување?“, е дел од реакцијата на Здружението „Правда за штедачите“.