Министерот за финансии Фатмир Бесими уверува дека новата еврообврзница која ја издаде Владата нема да ги чини граѓаните поскапо од онаа што пропадна во февруари поради бирократска грешка, односно поради тоа што не ја потпиша поранешниот министер за правда, Никола Тупанчески.

Со цел да не се повтори истата ситуација, Бесими најавува законски измени.

– Во услови на инфлација што од октомври минатата година наваму беше 19,8 проценти и секој месец намалуваме, за последното да биде 16,7 проценти – сепак реалната каматна стапка од 6,9 проценти во однос на последната 16,9 значи е минус. Ќе имаме интервенции во законот за наредниот период за да може да има флексибилност во тој дел. Инаку не сакавме во ниту еден случај да оставиме било каква дилема за различно толкување за тоа кој, како и дали можел да го потпише тој документ, изјави денеска Бесими.

Аукцијата за издавање на еврообврзницата се одржа на 6 март, а Министерството за финансии соопшти дека поминала успешно со четирипати повисок интерес од страна на инвеститорите во однос на понудата.

– Преку аукцијата се обезбедија 500 милиони евра по купонска камата од 6,96 проценти, додека дополнително 100 милиони евра се обезбедуваат од инструментот за макрофинансиска поддршка на Европската комисија, по каматна стапка од приближно 3 проценти, соопшти тогаш Министерството за финансии.