По неколку месечната пауза поради привременото прекинување на градежните активности, фирмите од земјите од регионот се соочуваат со проблемот за изнајмување квалификувана работна сила за градежниот и занаетчискиот сектор. Недостигот од мајстори од различни профили го чувствуваат и граѓаните што во овој летен период сакаат да направат некои градежни зафати во своите домови, но тоа мора да го одложат на неопределено време, додека најдат слободен работник. Во Србија, а истата слика е и во другите земји, постојано има отворено конкурси за вработување занаетчии, но на нив никој не се јавува, поради големата конкуренција за овие профили од западноевропските земји. Посебен проблем претставува и високиот просек на занаетчискиот кадар, кој во некои земји од Балканот се движи околу 55 години. И покрај големиот дефицит на пазарот на мануелни работници, ретко кој од младите и невработени лица се одлучува да се преквалификува за занимањата како што се молери, водоинсталатери, ѕидари, столари, електричари, плочкари и заварувачи.

Потпретседателот на Градежната комора на Србија, Горан Родиќ, посочува на овој проблем, иако дневниците за овие занимања значително пораснале во последните години.
– Вистински и добри мајстори може да заработат и повеќе од 2.000 евра месечно, поради високата побарувачка на мануелна работна сила. Дневниците се движат од 60 до 100 евра за добрите мајстори, кои и тешко се наоѓаат. Никој повеќе не сака да работи за 30 или 40 евра дневница. Домашните работодавци мора да пронајдат начин да ги платат мајсторите повеќе, за да ги задржат подолго време – објаснува Родиќ за „Србија данас“.

Бројот на германските визи издадени за работници од Западен Балкан за време на корона-кризата е значително намален. Меѓутоа, од германските градежни компании предупредуваат дека нема да можат да ги извршат договорените работи, пишува „Дојче веле“. Во првите шест месеци годинава се издадени само 4.801 виза, додека во 2019 година биле издадени вкупно 27.259 визи за работници од Албанија, Босна и Херцеговина, Црна Гора, Косово, Македонија и од Србија. Малиот број на одобрени визи е поради т.н. правила за Западен Балкан за ограничување на јавниот живот, по прогласувањето на пандемијата. Од германските градежни компании веќе предупредуваат дека ќе се соочат со недостиг од работници доколку не бидат продолжени поедноставните правила за добивање визи.

– Без правилата за Западен Балкан, само градежниот сектор од Северна Рајна-Вестфалија би се соочил со недостиг од 52.000 работници. Ова значи дека во 2021 година работите во станбената дејност би требало целосно да прекинат – изјави Херман Шулте-Хилтроп, директор на здруженијата на градежни компании.
Во јули годинава беше соопштено дека Германија би требало да ја продолжи посебната дозвола со која се овозможува ангажирање работници од Западен Балкан, а тоа значи дека правилото за балканските работници, кое истекува до крајот на годинава, ќе биде продолжено до 2023 година. На овој начин во Германија годишно ќе влегуваат најмногу 25.000 работници. Правилото за земјите од регионот го поедноставува пристапот на германскиот пазар на трудот и го олеснува добивањето визи и без знаење германски јазик и деловни квалификации. Услов за виза е подносителот на барањето да достави договор за работа што ќе биде одобрен од Сојузната агенција за труд. Следните години поради староста од градежниот сектор ќе заминат 150.000 работници од 850 илјади вработени во градежната индустрија во Германија.

На земјите од Западна Европа во овој момент им недостигаат 300 илјади мајстори, што ќе претставува сериозна конкуренција за балканските фирми да ги задржат работниците и ќе ги принуди да им понудат повисоки плати.
– Мораме да го зачуваме тоа што го имаме, преку обновување на кадарот и исплата на добри плати. Ако не ја искористиме можноста, работниците ќе заминат во странство, а ние скапо ќе ги плаќаме услугите на странските градежни компании за одржување на постојните објекти или за изградба на нови – вели Родиќ за „Танјуг“.