Забележан е фрапантен пад на количината на пестициди што се продаваат во ЕУ, најмногу поради тоа што нивните цени се зголемија, објави Евростат. Заводот за статистика на ЕУ наведува дека во 2022 година биле продадени околу 322.000 тони пестициди, што е за 10 отсто помалку од продадената количина една година претходно. Од бројните пестициди што се користат во ЕУ, најголем обем на продажба имаа фунгицидите и бактерицидите со 43 проценти од обемот на продажба во 2022 година, потоа хербицидите (35 проценти), потоа инсектицидите и акарицидите кои се користат против грини и крлежи (14 проценти).

Од земјите на ЕУ, најголем удел на продадени пестициди е регистриран во Франција (21 процент), Шпанија (18), Германија (15) и Италија (14), а овие земји се и водечки земјоделски производители во ЕУ. Имаше и неколку земји од ЕУ кои забележаа голем пад на продажбата на пестициди меѓу 2011 и 2022 година, како што се Италија (37 проценти), Португалија (36) и Грција (33), според Евростат.

И покрај ваквите податоци, во мај минатата година беше објавено дека европското земјоделство сè уште се потпира на големи количества пестициди за приносите на земјоделските култури и дека продажбата на хемикалии практично остана иста во изминатата деценија. Така, во периодот од 2011 до 2020 година, продажбата на пестициди во земјите членки остана стабилна – околу 350.000 тони годишно. Според податоците на ЕУ, 83 отсто од земјоделското земјиште што било тестирано во 2019 година содржело остатоци од пестициди, а 22 отсто од локациите во реките и езерата каде што се набљудувало присуството на пестициди биле над дозволениот праг на концентрација.

Во 2020 година, Стратегијата од фарма до вилушка на Европската комисија предвиде две цели за намалување на пестицидите: 50 отсто намалување на употребата и ризикот од хемиски пестициди и втора цел – 50 отсто намалување на употребата на поопасни пестициди. Таа стратегија беше клучен дел од Европскиот зелен договор и имаше за цел да го направи европскиот систем на храна фер, здрав и одржлив.

Повеќе од еден милион Европејци минатата година поднесоа петиција за целосно укинување на пестицидите во ЕУ, но некои земјоделски организации рекоа дека намалувањето на нивната употреба за повеќе од половина има негативно влијание врз приносите и го загрозува производството на храна во целиот блок.