Една третина од финансирањето оди за справување со пандемијата, главно за заштита на МСП, надградба на болниците и поддршка на развојот на вакцини и лекови

Во годината на најтешката глобална здравствена и економска криза со генерации, Групацијата на Европската инвестициона банка (ЕИБ) брзо ги пренасочи своите деловни активности кон борба против пандемијата КОВИД-19 и нејзините економски последици на сите фронтови. Таа ги зголеми обемите на финансирање на 76,8 милијарди евра, надминувајќи ги сопствените цели. Третина од овие средства, 25,5 милијарди евра, отидоа во непосреден одговор на кризата, што започна со првиот пакет во март. Најголем дел од него отиде кон малите и средни бизниси за да се избегнат несолвентноста и загубите на работните места, особено во земјите кои немаа буџетски средства за масовни национални пакети за спасување.

Одразувајќи ја дополнителната потреба за поддршка предизвикана од пандемијата КОВИД-19, поддршката на Групацијата ЕИБ за мали и средни компании порасна за 5 милијарди на 30,6 милијарди евра. Вкупно, повеќе од 425.000 компании профитираа од финансирањето, одржувајќи повеќе од 4,2 милиони работни места. Банката на ЕУ го постигна ова без да ги занемари другите приоритети за инвестирање: инвестициите во животната средина достигнаа 16,8 милијарди евра, инфраструктурните проекти беа поддржани со 15 милијарди евра, а 14,4 милијарди евра беа наменети за иновативни проекти.

„Во 2020 година демонстриравме дека нема компромис помеѓу инвестициите во економско закрепнување и инвестициите во климатските активности и иновациите. Сите наши цели се меѓусебно поврзани. Европа може да излезе посилна од оваа криза само со инвестирање во зелената и дигитална економија на иднината, а не во структури од минатото, осигурувајќи се дека нема да изостави ниту еден регион во Европа и ќе работи со нашите партнери надвор од ЕУ“, рече претседателот на ЕИБ Вернер Хојер на годишната прес-конференција на Групацијата ЕИБ на 20 јануари, преку видео-конференција од Луксембург.

Клучна инвестиција во здравствениот сектор
Како дел од одговорот на КОВИД-19, Групацијата ЕИБ масовно го зголеми своето финансирање за здравствениот сектор. Не само што ги поддржуваше болниците, туку играше и значителна улога во развојот и масовното производство на вакцини за да се запре разорниот вирус. На почетокот на годината, банката на ЕУ брзо одобри заем од 100 милиони евра на BioNTech, германската компанија што ни ја донесе првата вакцина за КОВИД-19 во соработка со Pfizer. Групацијата финансираше неколку вакцини, но исто така и компании кои развиваат КОВИД-терапии и технологија за тестирање.
„Во текот на годината драматично го зголемивме и забрзавме нашето учество во борбата против оваа разорна пандемија, помагајќи им на илјадници компании во ЕУ и ширум светот“, рече претседателот на ЕИБ, Вернер Хојер. „Борбата против пандемијата и нејзините економски последици ќе нѐ преокупираат и во 2021 година. Како дополнување на веќе обезбедените 25 милијарди, нашиот одбор веќе одобри уште речиси 25 милијарди за финансирање на настраданите компании и здравствениот сектор“.
Дел од ова финансирање ќе дојде од Европскиот гарантен фонд (ЕГФ) што започна со работа есента во 2020 година. Земјите-членки на ЕУ обезбедија гаранции од скоро 25 милијарди евра за да ѝ овозможат на групацијата ЕИБ да обезбеди дополнително финансирање за претежно мали и средни компании погодени од кризата.
Напредок на патот кон климатската банка на ЕУ
Истовремено, ЕИБ го исполни ветувањето да ги зголеми зелените инвестиции и да се трансформира во климатска банка на ЕУ. Учеството на инвестициите на ЕИБ што беа вклучени во климатските активности и проектите за одржливост на животната средина се зголеми од 34 % на 40 % минатата година и покрај кризата со КОВИД, со што Европската банка се приближи до целта од 50 %. Групацијата има за цел да мобилизира 1 трилион евра инвестиции за климата и животната средина до крајот на деценијата. Во ноември 2020 година, одборот на ЕИБ го одобри Патоказот на климатската банка што го дефинира начинот на кој таа ќе ги постигне овие амбициозни цели. Патоказот предвидува укинување на финансирањето за проекти со високи емисии како што се проширувања на аеродромите и поставува строги критериуми за финансирање на други проекти, како што се автопатите, откако Банката веќе објави крај на проектите со несоодветни емисии на јаглерод.
„Борбата против климатските промени не може да чека додека не заврши пандемијата. КОВИД-кризата не е причина да се запре борбата против климатските и еколошките предизвици со кои се соочува човештвото. Групацијата ЕИБ направи голем напредок со својот Патоказ на климатската банка. Ги повикувам и другите институции за финансирање да заземат слични ставови против еколошки неодржливи проекти. Наместо да финансираме средства коишто ќе треба да ги отпишеме утре, мора да инвестираме во енергетска ефикасност, обновлива енергија, одржлива мобилност и зелена иновација. Потребни ни се огромни инвестиции во зелено закрепнување“, рече претседателот Хојер.

Претседателот на ЕИБ, Вернер Хојер: „Банката на ЕУ е порелевантна од кога било за климатските активности и европската конкурентност“.

Опасност од растечки јаз во инвестициите во Европа
Зголемениот јаз во инвестициите ги загрозува амбициите на Европа за зелено закрепнување, согласно новиот извештај за инвестиции на ЕИБ. Според извештајот што ќе биде објавен во четврток, 21 јануари, 45 % од компаниите во ЕУ очекуваат да ги намалат своите инвестиции како резултат на кризата, додека само 6 % очекуваат да ги зголемат. Извештајот предупредува дека компаниите се свесни за итната потреба да инвестираат, особено во дигитализацијата и климатските активности, но КОВИД-кризата ги лишува од средствата за тоа.
„Треба да бидеме загрижени од огромната дупка што ја направи коронавирусот во намерата да инвестираме. Европа е во опасност да се повлече од глобалното натпреварување ако не мобилизира повеќе пари за иновации“, рече Хојер. „Но, исто така треба да сме охрабрени од успехот на финансискиот столб на планот на Јункер, Европскиот фонд за стратешки инвестиции што ја постигна својата зголемена цел да мобилизира 500 милијарди евра инвестиции минатото лето, пред предвидениот рок. Покажавме дека, со креативни инструменти и добро функционирање на комплементарноста помеѓу финансиските алатки и буџетската поддршка, релативно мал фонд со јавни пари е во состојба да привлече огромна сума на приватни инвестиции во проекти кои инаку би се бореле да најдат финансирање“.

Рекордна година за ЕИФ
Друг пример за многу ефикасно користење на јавните ресурси е Европскиот инвестициски фонд (ЕИФ), подружница на ЕИБ што поддржува високо-технолошки стартап компании и мали и средни претпријатија низ цела Европа. Тој постигна уште една рекордна година со потпишување операции со вкупен обем од 12,9 милијарди евра, што е зголемување за 26 % во однос на 2019 година. ЕИФ го обезбеди неопходното финансирање за повеќе од 330.000 мали и средни претпријатија и средно големи компании.
Операциите потпишани само во последната година ќе им обезбедат обновено или ново социјално и достапно домување на близу 66.000 домаќинства и брзи широкопојасни интернет услуги на 1,4 милиони домаќинства. 280 милиони луѓе ќе добијат вакцинација против КОВИД-19 благодарение на финансирањето на ЕИБ, речиси 30 милиони ќе профитираат од побезбедна вода за пиење и повеќе од 15 милиони од подобрените санитарни услови. Ќе бидат засадени повеќе од 145.000 хектари нова шума, а капацитетот за производство на електрична енергија ќе порасне за повеќе од 10 GW, од кои 83 % доаѓаат од обновливи извори. Ова се само неколку примери на конкретно влијание што ги имаат инвестициите на Групацијата ЕИБ врз луѓето во Европа и ширум светот.

Уделот на финансирањето за климата и животната средина се искачува на 40 % од вкупниот износ на ЕИБ, поддржувајќи ја зелената трансформација на економиите на ЕУ и одржувајќи го напредокот кон Климатската банка

Инвестирање ширум светот во изградба на издржливост и борба против климатските промени
Пандемијата КОВИД-19 и климатската криза се двоен предизвик за целиот свет и затоа групацијата ЕИБ ги зголеми своите напори за поддршка на соседството на ЕУ, Африка и другите региони. 13 % од финансирањето од минатата година, 10,2 милијарди евра, отидоа во земји надвор од ЕУ, помагајќи ѝ на Европската Унија да ги постигне своите политички цели, подобрување на животот на луѓето, модернизирање на здравствените системи и градење на економска издржливост. Банката на ЕУ постигна рекордно кредитирање во Африка, потпишувајќи обем од над 4,7 милијарди евра, што претставува зголемување од 50 % во однос на претходната година. Ја достигнавме целта за SheInvest, нашата иницијатива да мобилизираме 1 милијарда евра инвестиции за зголемување на родовата еднаквост и економско зајакнување на жените низ Африка.
„Групацијата ЕИБ ги концентрира своите напори да им помогне на некои од најранливите земји, каде што на егзистенцијата на луѓето им се заканува климатската криза денес. Еден пример е нашиот неодамна најавен ангажман во Иницијативата за големиот зелен ѕид, обезбедување финансиска и техничка поддршка за поддршка на одржливото земјоделство, чистата енергија и водата, инвестиции во инфраструктурата и приватниот сектор во 11 земји во Сахел“, рече претседателот Хојер.
Лидер во привлекување пари од одржливи инвеститори
За финансирање на ваквите активности, Групацијата ЕИБ додаде биодиверзитет во опсегот на активности што ги финансира со своите обврзници за Свесност за одржливоста, најновиот додаток на семејството на обврзници. ЕИБ, која ги финансира своите активности на глобалниот пазар на капитал и има корист од рејтингот „ААА“, веќе е пионер на пазарот на Зелените обврзници: таа ја издаде својата прва зелена обврзница во 2007 година и денес води на пазарот со обем од повеќе од 35 милијарди издадени евра. Генерално, ЕИБ минатата година позајми 70 милијарди евра од меѓународни инвеститори, скоро 20 милијарди повеќе од претходната година.
„ЕИБ не е само најголемиот мултилатерален заемодавач во светот: бидејќи се финансира себеси на финансиските пазари, таа е исто така и најголем мултилатерален заемопримач во светот. Креативниот пристап на Банката кон позајмувањето поставува стандарди за да ги направи инвеститорите свесни за нивната моќ да ги обликуваат и поддржат вистинските политики. Кога ги воведовме, климатските обврзници и обврзниците за свест за одржливост се сметаа за ризик. Сега тие поставија стандарди што сите сакаат да ги исполнат, зајакнувајќи ја зелената економија ширум светот“, рече Хојер.