Европската Комисија, во партнерство со институциите за развојно финансирање, го формираше фондот Global Green Bond Initiative (GGBI), нов јавно -приватен инвестициски инструмент кој би требало да мобилизира до 20 милијарди приватен капитал за проекти на одржлива инфраструктура во земјите со ниски и средни приходи. Фондот е дел од пошироката Глобална иницијатива за зелени обврзници (Global Green Bond Initiative), која се вклопува во стретегијата на Европската унија Global Gateway, насочена кон зајакнување на глобалните инвестиции во одржлив развој и климатска транзиција. GGBI ќе инвестира исклучиво во обврзници емитувани на примарните пазари, со посебен фокус на издавачите кои за прв пат излегуваат на пазарот – вклучувајќи влади, локални власти и компании.
Според соопштението на Европската Комисија, најмалку 20% од инвестициите ќе бидат насочени во најмалку развиените земји во светот. Фондот ќе поддржува емисии на обврзници и во локални валути и во евра, со што дополнително ќе ја зајакне улогата на европската валута во меѓународните финансии. Се очекува Фондот да привлече до 2 милијарди евра од приватни инвеститори од Европа и светот, со околу една милијарда евра јавен капитал. Од тој износ, околу 800 милиони евра доаѓаат од конзорциуми на европските развојни банки под водство на Европската инвестициска банка (EIB), вклучувајќи развојни институции од Шпанија, Италија, Холандија, Германија и Франција. Дополнителна поддршка на Фондот обезбедуваат гаранциите од Европската унија преку Европскиот фонд за одржлив развој Plus (EFSD+).