Европската комисија предложи воспоставување рамка за можно воведување на дигиталното евро и предлог да се обезбеди задолжително прифаќање на плаќањата во готовина со цел да се отфрли стравот на многумина дека дигиталната валута може целосно да ја замени готовината.

Комисијата предложи и дигиталното евро, нематеријална валута, да добие статус на законско средство за плаќање во еврозоната, а моментално тој статус го имаат само евро банкнотите и монетитe.

„Таквите предлози, исто така, ќе гарантираат дека готовината ќе продолжи да биде целосно достапна, истовремено дозволувајќи и на Европската централна банка да ги развие практичните аспекти на дигиталното евро со текот на времето“, рече Валдис Домбровскис, извршен потпретседател на Комисијата.

Според него, дигиталните плаќања во евра би биле „безбедни и сигурни, непосредни и практични – онлајн и офлајн“.

Функции како картички и апликации

Дигиталното евро би понудило можности кои и денес ги даваат картичките и апликациите, но и плаќање без пристап до интернет, што не е можно со картички или мобилни апликации. Т.н офлајн дигиталното евро би овозможило трансакции дури и без интернет конекција доколку другата страна во трансакцијата е физички блиску, без разлика дали станува збор за лице или трговија. Ова исто така би овозможило плаќање во оддалечени области со несигурна интернет конекција и во случај на недостиг на комуникациски мрежи или прекини на струја.

Законодавните тела во ЕУ, Советот и Парламентот се одговорни за донесување на правната рамка, но конечната одлука за воведување на дигиталното евро ја носи Европската централна банка.

Комисијата наведува дека воведувањето на дигиталното евро ќе трае неколку години, во секој случај тоа нема да биде подготвено пред 2028 година.

Исто толку вредни како готовина

Дигиталното евро би било еквивалентно на готовина. За разлика од крипто средствата, дигиталното евро би биле пари на централната банка. Европската централна банка би гарантирала дека е безбеден, дека има стабилна вредност и дека може да се замени по номинална вредност за готовина. Спротивно на тоа, крипто-средствата може значително да флуктуираат во вредноста и нивната конверзија во готовина во евра не може да се гарантира.

Дигиталното евро ќе може да се користи насекаде во еврозоната, без разлика каде се наоѓа исплатувачот и која комерцијална банка или давател на платежни услуги ја користат. Плаќањето ќе биде можно во секое време, 24 часа на ден, 365 дена во годината.

Дигиталното евро, исто така, ќе им овозможи на луѓето без банкарски сметки да вршат или примаат дигитални плаќања и да пристапуваат до основните функции бесплатно. Тие функции би вклучиле конверзија на готовина во дигитално евро и обратно. Во моментов, околу четири милиони луѓе во ЕУ немаат банкарска сметка, што ги става во неповолна положба бидејќи не можат, на пример, да користат услуги за е-трговија.

Загриженоста на банките

Комисијата наведува дека дигиталното евро би ја подобрило приватноста на корисниците, а со користење на дигиталното евро без пристап до интернет, приватноста на корисникот би била иста како и користењето готовина.

Исто така, се наведува дека целта на денешните предлози е да се обезбеди оние кои сакаат сепак да можат да плаќаат во готово, за да биде пропишана законска обврска за прифаќање готовина, со што, меѓу другото, ќе се оневозможи компаниите еднострано да воведат исклучиво безготовинско плаќање.

Комисијата посочува дека дигиталното евро нема да ја замени готовината, туку ќе биде уште една дополнителна опција за плаќање.

Дигиталното евро ги загрижува банките, кои стравуваат од можна голема загуба на приходите доколку поединците почнат масовно да ги повлекуваат своите депозити од нивните сметки и да ги претвораат во дигитално евро. Затоа, Комисијата предлага да се ограничи износот што секој поединец може да го држи во дигитална валута.