ecb_logo_ENЕвропската централна банка (ЕЦБ) во четвртокот на редовната седница одлучи да ја прошири програмата за купување средства до крајот на 2017 година, но го намали месечниот износ до 60 милијарди евра, стои во соопштението од ЕЦБ.

Исто така, ЕЦБ ја остави клучна каматна стапка непроменета на рекордно ниско ниво од нула отсто. И другите две каматните стапки остануваат непроменети, вклучувајќи ја и негативната каматна стапка од минус 0,4 отсто на банкарските депозити, со која се цели на обесхрабрување на банките да ги чуваат парите кај централната банка.

Сегашната програма за купување средства, вклучувајќи државни обврзници и други хартии од вредност, во месечен износ од 80 милијарди евра остануваат во сила до крајот на март 2017 година, стои во соопштението од ЕЦБ.

Од април следната година, до крајот на 2017 година, а по потреба и подолго, на сила стапува програмата за купување на средства во месечен износ од 60 милијарди евра.

Одлуката за намалување на месечниот износ донекаде ги изненади пазарите кои претежно очекуваа продолжување на шест месеци по истекот на програмата во март следната година и задржување на висината на месечниот износ од 80 милијарди евра.

Курсот на еврото по одлуката на ЕЦБ во еден момент скокна до 1,0875 долари, највисоко ниво за еден месец, но брзо се врати на нивото од 1,0753 $, што значи дека остана речиси непроменет во споредба со затворањето на пазарот во средата.