Во рамките на следниот буџет на Европската унија (ЕУ), треба да бидат одвоени за земјите од еврозоната најмалку 25 милијарди евра.

Тие главно ќе се користат за инфраструктурни реформи на национално ниво, како и за помош на земјите кои се уште се надвор од зоната, да ги приближат своите економии до единствената валута. Тоа го соопштија од Европската комисија (ЕК), цитирани од „Ројтерс“.

„Буџетска линија во износ од најмалку 25 милијарди евра во рамките на седумгодишен период ќе обезбеди еден минимум и ќе помогне да се избегне концентрирањето на финансирањето само за одделни држави членки“, посочија од Комисијата.

Од 27-те земји, кои ќе останат во ЕУ по заминувањето на Велика Британија во 2019-та година, само една – Данска, официјално се откажа од пристапување кон еврото. Сите други треба да ја усвојат единствената валута откако ќе ги исполнат потребните критериуми.

Паралелно со тоа од ЕК понудија да бидат обезбедени средства кои имаат „стабилизациона функција“ за еврозоната во случај на криза во некоја земја членка.

Според ЕК стабилизационата функција ќе се изгради прогресивно со времето, потпирајќи се на повратните кредити гарантирани од европскиот буџет, заеми од Европскиот монетарен фонд, доброволен гарантен механизам базиран на државниот придонес, како и на дел од европскиот буџет.

Планот на Комисијата претставува компромис меѓу позициите на Франција и Германија и ги дополнува предлозите на Клаус Реглинг, шеф на Европскиот механизам за стабилизација кој треба да биде трансформиран во Европски монетарен фонд.

Реглинг предложи механизамот за стабилизирање на еврозоната да претставува помеѓу 1% и 2% од БДП-то и да работи на основата на најевтините заеми, кои ќе се обезбедуваат за земјите погодени од кризата.

Минатата година францускиот претседател Емануел Макрон повика за создавање на буџет на еврозоната во износ од неколку стотици милијарди евра, кој ќе биде финансиран од даноци на кое сепак Германија се спротивстави, одбивајќи било какво одвоено финансирање.