Идејата предвидува данокот да се наплатува врз приходите генерирани на територијата на ЕУ, со што оваа линија ќе се собира околу 5 милијарди евра секоја година, покажуваат проектните предлози, разгледани од „Financial Times“.

Европската комисија ќе разговара за „дигиталниот данок“ следната недела, а ќе се фокусира на приходите за сметка на профитот, почитувајќи ги повиците на Франција, Германија и Велика Британија за построг пристап за избегнувањето на даноците од технолошките компании.

Данокот, кој се очекува да биде во износ од 3%, ќе биде насочен кон приходите од реклами на гигантите како „Google“, наплатени надоместоци од корисници и претплатници од компании како „Apple“ и „Spotify“, и приходите реализирани од продажба на кориснички податоци на трети лица.

Даночните стапки се уште се предмет на дебата, а секако се можни какви било промени.

Според проектните предлози сепак, данокот ќе влијае на компаниите со годишни глобални приходи над 750 милиони евра, кои пријавиле најмалку 50 милиони евра за оданочување на приходите од активностите во рамките на ЕУ.

Според документот, тоа се компаниите со „силна пазарна позиција“, кои можат да профитираат од „мрежни ефекти и експлоатација на големи низи со податоци“.

Идејата, исто така, може да им се спротивстави на некои земји-членки со ниски корпоративни даноци, како што се Ирска и Луксембург. Со цел да стане ефективен закон, идејата за „дигитален данок“ ќе мора да биде одобрен од сите 28 членки на Заедницата.

Во текстот на предлогот се наведува дека обичните компании во ЕУ плаќаат ефективна даночна стапка во износ од 23.3%, додека дигиталните компании, кои често работат низ целиот свет, се оданочуваат во ЕУ со просечна стапка во висина од едвај 9,5%.

Предвидено е, згора на тоа новиот данок да се наплаќа во јурисдикции каде компаниите, како „Facebook“, имаат барем 100.000 корисници.

Со други зборови, ЕК сака да ја насочи својата политика кон земјите во кои главно е концентриран бизнисот на технолошките компании.

Европската комисија пресмета колку пари може да наплати од данокот, ако се движи од 1% до 5%.

Доколку тој е 5%, таа ќе генерира даночни приходи од 7,8 милијарди евра.

Сепак, се очекува Брисел да донесе данок од 3 отсто, со што ќе генерира приходи од 4,8 милијарди евра.