Европскиот пазар на дигитално огласување продолжи да бележи силен раст и во 2025 година, при што вкупните инвестиции во дигитално рекламирање достигнаа 131 милијарда евра, што претставува раст од 10,5 % во споредба со претходната година. Ова го покажува најновиот извештај AdEx Benchmark, објавен од IAB Europe, кој ги анализира трендовите на 30 европски пазари.

Според извештајот, дигиталното огласување продолжило да се развива и покрај економската неизвесност, геополитичките предизвици и различниот степен на развиеност на националните пазари. Компаниите сè повеќе ги насочуваат своите буџети кон дигитални канали што нудат поголема вклученост на публиката и попрецизно мерење на резултатите.

Најголем двигател на растот било видео-огласувањето. Инвестициите во видео формати пораснале за 19,6 %, достигнувајќи 34 милијарди евра, при што видеото за првпат сочинува повеќе од половина од сите инвестиции во дисплеј огласувањето во Европа. Најбрзо растечки сегмент биле кратките видеа на социјалните мрежи, што ја одразува промената во навиките на корисниците при следење дигитални содржини.

Значителен раст забележало и огласувањето на социјалните мрежи, каде инвестициите достигнале 35,5 милијарди евра, што е зголемување од 19,2 %. Голем дел од овој напредок се должи токму на популарноста на видео-содржините, поради што брендовите сè повеќе ги пренасочуваат своите маркетинг буџети кон вакви формати.

Меѓу најбрзо растечките сегменти се издвојуваат и малопродажните медиуми (Retail Media), кои пораснале за 16,7 % и достигнале вредност од 13,3 милијарди евра. Станува збор за огласување преку платформите на самите трговци, каде брендовите можат директно да ги поврзат огласувачките инвестиции со продажните резултати, користејќи податоци од сопствените корисници.

Иако новите формати го предводат растот, и традиционалните сегменти остануваат стабилни. Дисплеј огласувањето пораснало за 12,5 %, додека платеното пребарување и огласниците забележале раст од 8,8 %, односно 6,5 %. Најстабилен раст оствариле пазарите во Западна Европа, како Шпанија, Франција, Италија и Холандија, додека нордиските и балтичките земји покажале поумерени резултати.

Главниот економист на IAB EuropeДаниел Кнап, оценува дека овие бројки укажуваат на суштинска промена во улогата на дигиталното огласување. Според него, дигиталното рекламирање повеќе не е само средство за комуникација со потрошувачите, туку станува клучен дел од продажбата и трговијата, при што видео-содржините и малопродажните медиуми се двата најважни тренда што ќе го обликуваат развојот на европската огласувачка индустрија во годините што претстојат.

Целосниот извештај е достапен на следниот ЛИНК.