По средата, погледите на пазарите се фокусирани на последната одлука за монетарната политика на Федералните резерви која треба да се донесе

Европските берзи реагираа по откривањето на резултатот од преговорите меѓу Рим и Брисел за италијанскиот буџет за следната година, објави CNBC. Пазарите веќе ја разгледуваат последната одлука на Федералните резерви за монетарната политика.

Индексот Pan-European Stoxx 600 се зголеми за 0,46%, при што повеќето сектори и големи берзи завршуваат на позитивна територија. Најдобар индикатор беше италијанската MIB, со раст од 1,7%, поддржана од веста дека Италија и Европската унија постигнаа буџетски договор. Договорениот буџетски дефицит за следната година изнесува 2.09%, што е под почетната цел од 2.4%.

По веста за позитивна разврска акциите на италијанските банки Unicredit, Ubi Banca и Banco BPM поскапеа за над 2%. Еврото, исто така, се зголеми за 0,6 отсто на 1,1428 долари.

Британската компанија GlaxoSmithKline регистрира зголемување на цената на акциите со 4,3%, откако стана јасно дека планира да се раздели на две единици – една за лекови на рецепт и вакцини, а другата за производи без рецепт – откако формира нова заедничка компанија со Pfizer.

Во меѓувреме во текот на денот на фокус беа и макро податоците од Велика Британија, од кои стана јасно дека инфлацијата во Велика Британија се забавила до 20-месечно дно во ноември, што носи одредено олеснување за потрошувачите.

Во средата погледите на пазарите беа насочени кон последната одлука за монетарната политика на Федералните резерви која треба да се донесе до крајот на годината. Тензиите се зголемија и од предупредувањето од страна на американскиот претседател Доналд Трамп кон ФЕД “да внимава да не направи нови грешка”.

“Не верувам дека има причина за зголемување на каматите денес”, коментира и Брет Еуинг, главен пазарен стратег во First Franklin.

Пазарните учесници очекуваат сепак ФЕД да објави по четврти пат за годината зголемување на каматите.