На европските берзи се тргува претпазливо во петокот претпладнето, бидејќи посилниот од очекуваниот пораст на цените на производителите во САД фрли сомнеж врз пазарните проценки за тоа кога американската централна банка ќе почне да ги намалува каматните стапки.

Индексот STOXX 600 на водечките европски акции во првиот дневен пресек од тргувањето беше речиси непроменет во однос на вчерашниот ден. Истовремено, лондонскиот FTSE индекс зајакна за 0,01 отсто, на 7.743 поени, додека франкфуртски DAX се зголеми за 0,02 отсто, на 17.940 поени, а париски CAC зајакна за 0,05 отсто, на 8.165 поени.

А на азиските берзи цените на акциите паднаа. MSCI индексот на азиско-пацифичките акции, без јапонските, во истиот дневен пресек како и во Европа, беше во минус од 0,7 отсто. Истовремено, на токиската берза индексот Nikkei ослабе за 0,3 отсто, додека цените на акциите во Австралија, Јужна Кореја и Хонгконг паднаа меѓу 0,6 и 1,9 отсто. Во Шангај, пак, се зголемени за околу 0,5 отсто.

Инвеститорите беа обесхрабрени од вчерашниот пад на њујоршки Волстрит. Индексот Dow Jones загуби 0,35 отсто, на 38.905 поени, додека индексот S&P се лизна за 0,29 отсто, на 5.150 поени, а индексот Nasdaq 0,30 отсто, на 16.128 поени.

Најновите податоци покажаа дека цените на производителите во САД се зголемија за 0,6 отсто во февруари, двојно повеќе од очекуваното, најмногу поради повисоките цени на бензинот и храната. Ова поттикна корекција на цените на акциите во секторите за комунални услуги и недвижности, кои се чувствителни на промените на каматните стапки.

Од друга страна, падна цената на акцијата на технолошката ѕвезда „Nvidia“, за 3,2 отсто, повлекувајќи го целиот сектор надолу во просек за 1,8 отсто. Од почетокот на седмицата, секторот на производители на чипови падна за 3,5 отсто, бидејќи инвеститорите решија да повлечат дел од профитот од пазарот по неодамнешниот остар скок на нивните цени.

Следната седмица инвеститорите ќе се фокусираат на состанокот на Fed. Се очекува централната банка да ги остави каматните стапки непроменети, а бидејќи инфлацијата остана покачена во последните два месеца, сè помалку е веројатно дека Fed ќе ги намали каматните стапки во јуни.

„Ако ја погледнеме вкупната инфлација, таа остана покачена во изминатите два месеца, но пазарот некако расте. Fed можеби нема да ја олабави монетарната политика оваа година колку што пазарот сакаше, но изгледите за натамошно затегнување сè уште се многу мал“, вели Тони Велч, главен директор за инвестиции на „SignatureFD“.

И покрај падот два дена по ред, индексите на Волстрит сè уште се на патот да остварат благи добивки оваа седмица. Од почетокот на годината, сепак, индексот S&P 500 сè уште е во пораст за приближно 8 проценти.