Се чини дека европските рафинерии сега имаат повеќе сурова нафта отколку што им е потребно, додека раната паника за намалениот извоз на руска нафта и последователниот недостиг на нафта во светот, се покажа како преголема, пишува специјализираниот портал Оилпрајс.ком.

Трговците со сурова нафта ја посочија способноста на Европа да набавува сурова нафта од Латинска Америка, Блискиот Исток и САД како главна причина поради која европските рафинерии беа олеснети.

Азија, исто така, купи помалку сурова нафта отколку што предвидуваа аналитичарите, благодарение на бескрајната борба на Кина да ја достигне неостварливата цел за нулта ковид.

Еден европски трговец со сурова нафта изјави за Ројтерс дека европските рафинерии „по се изгледа набавиле премногу нафта во ноември и декември, веројатно поради стравувањата за руската нафта“.

Трговците и рафинериите го засилија купувањето ова лето, предвидувајќи недостиг што произлегува од европската забрана за увоз на руска сурова нафта. Таа забрана треба да стапи на сила на 5 декември.