Еврото во средата благо се зголеми во однос на доларот, откако партнерите на Атина во еврозоната и дадоа нов рок до крајот на оваа недела да претстави нов предлог за реформи во замена за кредити.
Еврото во однос на американската валута зајакна за 0,1 проценти на 1,1026 $. Додека во однос на јенот ослабе за 0,7 проценти на 133,99 ¥.
Јенот во еден момент го достигна и највисокото ниво во последните шест недели во однос на доларот од 121,45 ¥, зајакнувајќи за 0,9 проценти, откако инвеститорите, поради превирањата на кинеските пазари на акции и загриженоста во врска со грчката должничка криза, го пренасочуваат капиталот кон валутата прибежиште во нестабилни времиња во економијата.
Швајцарскиот франк, кој исто така е сугурно прибежиште за капиталот во време на голема криза, зајакна минимално, а се појавија гласини дека Швајцарската национална банка повторно интервенира на пазарите со цел да го стави под контрола растот на франкот.
“Јенот се уште е валута прибежиште по избор на инвеститорите. Швајцарскиот франк, исто така не оди лошо, но тука е се разбира Швајцарската национална банка која се обидува да го задржи под контрола, така што неговите движења не се глатки”, изјави Alvin Tan стратег за валути во Societe Generale.
Во фокусот на инвеститорите останува понатамошниот развој на ситуацијата во Грција. На итниот самит на еврозоната во вторникот во Брисел, претставниците на 19 земји од еврозоната изјавија дека во неделата ќе се одржи состанок на сите лидери на 28 земји-членки на Европската унија со цел да се донесе одлука за судбината на Грција.
Аналитичарите на француската банка BNP Paribas изјавија дека нема причина за прекумерен оптимизам во оваа фаза и предупредија дека, дури и во случај на изнаоѓање решение за грчкиот проблем, останува отворена вратата за ново слабеење на еврото.