EUR-USDЕврото продолжи да слабее во однос на сите останати најтргувани светски валути, а најмногу во однос на американскиот долар.

И според аналитичарите следува период на голема промена на валутниот пазар во кој доларот ќе продолжи да расте, а еврото ќе слабее и се поевидентно е нивно изедначување.

Причината за продолжувањето на слабеењето на еврото е покренувањето на програмата за вбризгување на пари во финансискиот систем од страна на Европската централна банка во износ од 60 милијарди евра месечно, што е повеќе од што очекуваа инвеститорите на финансиските пазари.

Дополнителна причина за падот се изборите во Грција, каде што очекуваното победи СИРИЗА – партијата која се залага за прекинување на мерките за штедење наметнати од ЕУ. Дел од инвеститорите стравуваат дека тоа на крајот може да доведе до излегување на Грција од еврозоната.

Врз основа на вбризгувањето на пари во финансискиот систем, европските акции од ден за ден бележат раст, а ги предводат германски акции кои во моментот се на рекордно високо ниво. Вредноста на индексот DAX е 9,60% повисок во однос на почетокот на годината и дури 19% над нивото од пред три месеци.

Цената на нафтата продолжува да паѓа поради падот на еврото на 11 годишен минимум во однос на америкаскиот долар, што предизвика нафтата изразена во долари да биде поскапа, а со тоа намалувајќи ја побарувачката што предизвикува нов притисок на нејзината цена.

Македонските граѓани се заштитени од варирањето на еврото поради фиксираниот курс на денарот со еврото, додека јакнењето на америкаскиот долар има свои позитивни и негативни страни за македонските компании. Негативно е тоа што компаниите кои увезуваат од странство и плаќаат во долари ќе треба да платат повеќе, од друга страна пак, македонскиот извоз во САД и земјите каде што производите се продаваат во долари, стануваат поконкурентни на тие пазари.