euro-dollarДоларот на меѓународните девизни пазари падна на најниско ниво во однос на кошницата валути од најавата за лансирање на програмата на квантитативно олеснување во еврозоната во јануари. Нов удар врз доларот нанесоа слабите индикатори на потрошувачката во САД.

Еврото во такви околности надмина 1,14 $ за прв пат од февруари, зајакнувајќи за околу 0,5 проценти на 1,1406 $.

Долар индексот падна за 0,6 проценти на 93,175 поени, што е најниско ниво од најавата за воведување на квантитативно олеснување на Европската централна банка (ЕЦБ) во јануари.

Главен фактор за движењето на курсевите се неочекувано слабите податоци за прометот на трговијата на мало во април во САД, што ги потресува сите оние кои веруваа дека забавувањето на економската активност на почетокот на годината е резултат на лошите временски услови и штрајковите на пристаништата на западниот брег на САД.

“Се надевавме на солидно закрепнување во вториот квартал по слабите резултати во првиот квартал, новите показатели ја намалуваат атрактивноста на американски долар во овој момент. Сепак, мое мислење е дека ова е само корекција”, изјави Петер Кинсела, валутен аналитичар во германската банка Комерцбанк.

Слабоста на доларот, ги поткопува предвидувањата на многу големи банки за можен паритет на девизниот курс на еврото и доларот, воедно тоа поттикна голем број прашања за тоа како ќе се одрази на другите големи економии на кои им беше од корист зајакнувањето на доларот во изминатата година.