Еврото треба да се воведе во дигиталната ера и потребна е изградба на унија на пазарот на капитал и посилна банкарска унија, најавија европските лидери во пресрет на 25-годишнината на европската валута.

Еврото стапи на сила пред 25 години, на 1 јануари 1999 година, а денес е валута на дваесет земји со 350 милиони жители, чија последна членка беше Хрватска на почетокот на годината.

Претседателот на Еврогрупата Паскал Доногју, претседателката на Европската централна банка (ЕЦБ) Кристин Лагард, претседателката на Европскиот парламент Роберта Мецола, претседателот на Европскиот совет Шарл Мишел и претседателката на Европската комисија Урсула фон дер Лајен ја одбележаа таа годишнина со заедничка напис објавен на веб-страницата на ЕЦБ.

Во написот објавен вчера, тие пишуваат дека заедничката валута и даде на Европската унија „едноставност, стабилност и суверенитет“ и дека им го олесни животот на европските граѓани кои сега можат лесно да ги споредуваат цените, трговијата и патувањето.

Со текот на годините, еврото се соочуваше со големи предизвици, вклучително и прашања за неговиот опстанок, пишуваат европските лидери, нагласувајќи дека „секогаш ќе се најдат вистинските одговори“, како што е хармонизиран систем на банкарска супервизија по големата криза во 2008 година.

„Денес поддршката за заедничката валута меѓу граѓаните на еврозоната се приближува до рекордни нивоа“, посочија тие, предупредувајќи дека работата „не е завршена“ затоа што Европа се соочува со нови предизвици со кои државите не можат сами да се справат.

Унијата се соочува со растечки геополитички тензии, првенствено руската „илегална војна“ против Украина, забрзаната климатска криза и невидени предизвици за европската конкурентност од другите делови на светот.

Затоа, прашањата како одбраната, зелената и дигиталната транзиција ќе бидат клучни во иднина. Само за декарбонизација на економијата ќе бидат потребни 620 милијарди евра годишно до 2030 година, предупредуваат тие.

ЕУ мора да изгради вистинска унија на пазарот на капитал за да ги „мобилизира приватните финансии“, да ја зајакне банкарската унија и да ги реформира фискалните правила. Еврото треба да влезе во „дигиталната ера“ и мора да се подготват темелите за потенцијално „дигитално евро“ кое ќе биде комплементарно на готовината.

Лидерите предупредуваат дека „со неколку земји кои моментално се во процес на пристапување во ЕУ“, алијансата мора да го задржи капацитетот да „дејствува решително“.

„Проширувањето и продлабочувањето меѓусебно не се исклучуваат. Меѓутоа, проширувањето би можело да бара промени во организацијата на ЕУ“, се заклучува во написот.