Еврото падна на новото 20-годишно најниско ниво од 0,9809 долари. Европската централна банка вчера попладне го одреди курсот на единствената европска валута на 0,9906 долари за едно евро. 

Се повеќе инвеститори претпочитаат да ги инвестираат своите пари во долари.

Силната позиција на американскиот долар врши притисок врз еврото и многу други валути. Американската валута доби поттик од агресивната монетарна политика на Бордот на Федералните резерви, кој синоќа ја зголеми основната каматна стапка за уште 0,75 процентни поени во борбата против високата инфлација. Доларот се повеќе го бараат и инвеститорите поради влошените односи меѓу Западот и Русија.

Под притисок утрово е и јапонскиот јен. Централната банка на третата по големина економија во светот се држи до својата либерална монетарна политика со оглед на тоа што инфлацијата во земјата е сè уште многу пониска отколку во другите земји. Централната банка на Јапонија одлучи да ја задржи каматната стапка на долгорочните кредити на нула, како и да го остави прагот за зголемување на овие стапки на 0,25 отсто. Регулаторот води политика на негативни каматни стапки за да го стимулира растот на јапонската економија, додека инфлацијата во земјата останува многу пониска од онаа на остатокот од светот. Паѓа и фунтата.