Девизниот курс на еврото на меѓународните девизни пазари продолжи со зајакнување, по објавувањето на клучните индикатори за бизнис климата во Германија, со најновата серија на податоци со која се поддржува евалуацијата за натамошно јакнење на економското закрепнување во еврозоната. Еврото притоа зајакна за 0,3 проценти во однос на доларот, на 1,0955 $.
Долар индексот, кој ја мери вредноста на доларот во однос на шестте водечки светски валути се стабилизира на 96,981 поени, по падот во вторникот на најниска вредност во последните две недели на 96,387 поени.
Во фокусот е индексот на бизнис климата истакнат од германскиот IFO институт, врз основа на истражувањето спроведено помеѓу челниците на 7.000 компании, кој во март се зголеми на 107,9 поени, од 106,8 поени во февруари. Индексот е на највисоко ниво од јули 2014 година.
Сепак, според трговците, со неодамна започната програма за купување обврзници на Европската централна банка (ЕЦБ), приносите кај краткорочните обврзници најверојатно ќе бидат пригушени и на тој начин се ограничува понатамошниот раст на еврото.
“Иако германските индикатори се охрабрувачки, не мислам дека многу работи ќе се променат во однос на еврото. Само што влеговме во третата недела од спроведувањето на програмата на ЕЦБ, па дури и ако еврото може малку да зајакне во однос на доларот, врз основа на овие индикатори, јас се сомневам дека овие добивки ќе бидат одржливи “, изјави Петер Кинсел, стратег за валути во банката Комерцбанк.
Вредноста на доларот е под притисок на неговата продажбата, откако минатата недела Банката на федерални резерви сигнализираше дека нема да брза со зголемување на клучните каматни стапки, поради тоа дојде до намалување на неговата вредност.