Девизниот курс на еврото на меѓународните девизни пазари падна на рекордно ниско ниво во последните 12 години, намаливајќи се за околу 0,5 проценти на 1,0638 долари, што е најниско ниво од април 2003 година. Од почетокот на годинава во однос на доларот еврото ослабна за 12 проценти.
Пад од 0,5 проценти еврото имаше и во однос на британската фунта, достигнувајќи вредност од 70,62 пени, што е најниско ниво од ноември 2007 година. Во исто време, еврото ослабе и во однос на јенот, спуштајќи се на најниско ниво во последните 18 месеци, на 129,120 јени.
Во фокусот е ЕЦБ, која оваа недела започна нова програма за инјектирање на свежи пари во еврозоната преку купување на државни обврзници со цел да го поддржи и поттикне растот како и инфлацијата до целното ниво од околу два проценти.
“Еврото е сега против сите други. Ваквите движења не се состојат само од потезите на шпекулантите, но и на реалниот нето-одлив на капитал од еврото”, изјави Stephen Gallo, валутен аналитичар во компанијата BMO Capital Markets од Лондон.
Еврото е притиснато и од страна на постојаната несигурност во врска со должничката криза со Грција пред почетокот на новата рунда преговори во Брисел. Многумина стравуваат од можен излез на Грција од еврозоната, а италијанскиот министер за економија предупреди дека таквиот исход треба да се избегнува.
Зајакнувањето на доларот во однос на еврото го поддржа и растот на долар индексот, до нова највисока вредност во последните единаесет и пол години од 99,018 поени. Од јули минатата година долар индексот зајакна за речиси 25 проценти.