A picture illustration shows U.S. one dollar bank notes and a one Euro coinДевизниот курс на еврото зајакна на меѓународните девизните пазари во однос на доларот и јенот, по објавувањето на најновите солидни економски показатели од еврозоната, кои ги задушија изгледите за воведување на дополнителни стимулативни мерки на Европската централна банка (ЕЦБ) пред крајот на годината.

Европската валута во однос на американскиот долар зајакна за 0,24 проценти на 1,1371 $. Во однос на јенот беше на слична процентна добивка и се тргуваше на 136,20 ¥.

Подемот на еврото малку ја притисна американската валута во однос на кошницата на валути. Долар индексот, кој ја мери вредноста на доларот кон шестте главни светски валути, падна за 0,1 проценти на 94,782 поени, но се држи далеку над најниското ниво во последните седум недели од 93,806 поени, на кое се спушти минатата недела.

Аналитичарите се на мислење дека еврото е подложно на одредени осцилации пред редовениот месечен состанок на ЕЦБ во четврток. Со оглед дека ЕЦБ најверојатно нема да ја олабави монетарната политика овој месец, инвеститорите чекаат да видат дали ЕЦБ ќе сигнализира за дополнителни стимулативни мерки до крајот на годината.

Во фокусот на пазарот се новите податоци на ЕЦБ кои покажаа дека банките во еврозоната ги ублажиле стандардите за кредитирање во последниве неколку месеци повеќе отколку што се очекуваше и покрај превирањата на глобалните пазари. Со тоа се намали потребата ЕЦБ да ја зголеми постоечката програма за купување на обврзници во вредност од 1,000 милијарди евра.