1 evroНа светските девизни пазари еврото зајакнува трета недела по ред, благодарение на еконоскиот раст во еврозоната особено на германската економија и со надеж дека ќе се најде компромисно решение за грчкиот долг. Курсот на еврото на девизниот пазар се зголеми минатата недела во однос на американската валута за 0,7 проценти на 1,1390 долари.

Еврото зајакна и во однос на јапонската валута, па нејзината цена се зголеми за 0,4 проценти на 135,30 јени. Вредноста на доларот, ослабна во однос на јенот за 0,3 проценти на 118,75 јени.

Позитивно на еврото влијаеше фактот дека економијата во еврозоната во последниот квартал од минатата година се зголеми за 0,3 проценти, повеќе отколку очекуваните 0,2 проценти. Притоа многу инвеститори ги охрабри растот на германскиот бруто домашниот производ (БДП) од 0,7 проценти, многу повисоко од очекуваните 0,3 проценти.

“Тоа е многу брзо закрепнување. Уште во средината на минатата година на Германија и се закануваше рецесија, но економијата оттогаш расте силно. Факт е дека растот на домашната побарувачка ни дава солидна основа за оптимизам”, изјави Андреас Рис, економист на Уникредит.

Од друга страна,  вредноста на доларот во последните неколку недели е под притисок на низа индикатори дека растот на економијата на САД забавува по импресивениот скок во третиот квартал од минатата година од 5 проценти, што би можело да и укаже на централната банка ФЕД да ја одложи одлуката за зголемување на каматните стапки.

Минатата недела е објавено дека прометот во трговијата на мало во САД се зголеми за само 0,1 проценти, што е помалку од предходниот месец и помалку отколку што се очекуваше.

Аналитичарите изјавија дека ФЕД е под притисок да го одложи планираното затегнување на монетарната политика и поради тоа што се повеќе и повеќе централни банки во светот го прави токму спротивното ја олеснуваат монетарната политика.

Така минатата недела Шведската централна банка изненади со намалување на каматните стапки во негативна територија и најави квантитативно олеснување на монетарната политика.

“Додека голем број на централни банки ја олабавуваат монетарната политика, нивните валути слабеат. Ова води кон зајакнување на доларот, кој не ја поддржува американската економија”, рече Даисуке Уно, стратег на Сумитомо Митсуи банка.

Тој додаде дека инвеститорите треба да посветат поголемо внимание на предупредувањето на американскиот министер за финансии, дека Вашингтон ќе одговори на земјите кои намерно ја слабеат својата валута со цел да добијат трговска предност.