Деловната активност во еврозоната порасна со најбрзо темпо во последните 15 години овој месец, според денешните прелиминарни податоци на лондонската аналитичка компанија IHS Markit.

Индексот на композитни набавки на „Маркит“ (PMI) за еврозоната, кој ги опфаќа секторите производство и услуги, достигна 59,2 поени во јуни, наспроти 57,1 поен во мај, пренесува CNBC. Индикатор над 50 поени укажува на раст на економската активност.

Според IHS Markit, ова е највисока бројка во последните 180 месеци или 15 години.

“Многу охрабрувачки знаци на закрепнување земаат замав. Имаме најбрз раст на деловната активност во последните 15 години, побарувачката измерена со нови нарачки исто така расте со најбрзо темпо во последните 15 години, а бројот на работни места се зголемува, така што целокупното закрепнување добива се поголем замав “, рече Крис Вилијамсон, главен економист во IHS Markit, изјави за CNBC.

Монетарниот блок со 19 држави неодамна презеде различни чекори за повторно отворање на националните економии, со понатамошно забрзување на програмите за вакцинација.

Европската централна банка проценува на почетокот на овој месец дека економијата во еврозоната ќе порасне за 4,6 проценти оваа година и 4,7 проценти следната година, зголемувајќи ги своите претходни прогнози од март.

Сепак, економските ризици сè уште се присутни, особено поради делта-варијантата на коронавирусот, кој е позаразен, како и поради недостаток на потребен персонал на пазарот на трудот, дури и во земји со релативно високи стапки на невработеност.

Вилијамсон вели дека проблемот со недостиг на работна сила е особено изразен во угостителскиот сектор и дека најпогодени се хотелите и рестораните.

„Постои голем притисок во однос на обидот брзо да се добие доволно персонал за да се исполни ненадејниот раст на побарувачката, а ситуацијата само ќе се влоши, бидејќи отворањето на овие економии ќе продолжи во јули“, рече Вилијамсон.