Поради влијанието на кризата предизвикана од конфликтот во Украина компаниите во Северна Македонија искусиле пораст на трошоците за суровини од 20 до 50 проценти, а повеќе од една третина од компаниите искусиле двојно до петкратно зголемување на трошокот за струја во периодот 2021 и 2022 година. За околу третина од фирмите, зголемувањето на минималната плата било важен фактор во зголемувањето на трошоците за работната сила.

Ова се дел од резултатите на студијата  „Влијанието на кризата предизвикана од конфликтот во Украина врз фирмите во Северна Македонија: докази од микроанкета” изработена од „Фајнанс тинк““ која се потпира на анкета во која се обработени податоци од 112 фирми од различни профили и сектори, во текот на април и мај годинава.

– Резултатите покажаа дека компаниите искусиле пораст на трошоците за суровини од 20 до 50 проценти, иако кај малите компании и кај компаниите од секторот земјоделство овој пораст е значајно поголем, што ги прави поранливи на сегашната и идни кризи. Во делот на трошоците за енергија, пак, повеќе од една третина од компаниите искусија двојно до петкратно зголемување на трошокот за струја помеѓу 2021 и 2022 година. Од аспект на големината на фирмата, во овој сегмент големите компании беа најзасегнати, затоа што тие беа најизложени, односно купуваа струја на отворен пазар. Додека од аспект на сектори, компаните од градежништвото беа најзасегнати (40 проценти од фирмите од овој сектор известија зголемување на овој трошок за повеќе од пет пати), се наведува во извештајот.