Иако беше планирано да почне да се гради во рок од два месеца по поставувањето на камен-темелникот во август, најавената фабрика за производство на електрични автомобили во Тетово и по пет месеци нема ништо, пишува „Алсат“.

На свеченоста на 13 август, на годишнината од потпишувањето на Рамковниот договор, лопати за камен-темелникот фрлија премиерот, претседателот на Собранието, министрите, директорите и партиските лидери.

„Денеска ќе се постават темелите за инвестиција која само во првата фаза тежи 130 милиони евра и која ќе отвори најмалку 890 нови работни места“, рече тогаш премиерот Димитар Ковачевски, најавувајќи ја инвестицијата на компанијата „Е-Го“ во Технолошко-индустриската развојна зона во Тетово.

Договорот за инвестицијата беше потпишан на 13 август / Фото: e-go-mobile.com

Според тогашните најави, државата ќе биде партнер во инвестицијата, покривајќи една третина од вредноста на вложувањата, или околу 45 милиони евра.

Како што пишува „Алсат“, иако роковите за пуштање на фабриката во употреба се повеќепати пробиени, од Дирекцијата за технолошко-индустриски развојни зони и натаму тврдат дека сѐ се одвива според планот и дека фабриката наскоро ќе почне да се гради. Дирекцијата ангажирала надворешни ревизори да ја следат динамиката на изградбата.

„Добивме само информации според условите на договорот, а тоа е дека веќе е започната инвестициска активност за набавка на опрема. Така што, откако ќе ја добиеме соодветната документација дека набавката е веќе во тек, дека веќе се извршени одредени плаќања кон добавувачите, соодветно ќе ги следиме условите наведени во самиот договор. Повторувам, ништо не плаќаме однапред и ја следиме динамиката на реализација“, изјави за „Алсат“ Јован Деспотовски, првиот човек на Дирекцијата на ТИРЗ.

Кога се поставуваше камен-темелникот, властите наведоа дека очекуваат за година и пол фабриката на германскиот производител на електрични возила да биде пуштена во употреба.

Нови најави нема ниту на веб-страницата на „Е-го“, каде инвестицијата во С. Македонија уште во август беше најавена како „микро фабрика“.