Федералните резерви на САД (ФЕД), без изненадување, ја задржаа својата референтна каматна стапка на рекордно ниско ниво во опсег од нула до 0,25 проценти и ќе ја одржуваат така сè додека не се опорави пазарот на трудот, се вели во соопштението на банката.

Монетарниот одбор на таа институција, кој се состана вчера и денес, по претседателските избори во Америка, чии резултати сè уште не се познати, исто така, изјави дека е подготвен да го искористи својот целосен арсенал и да стори повеќе за поддршка на економијата на која и се заканува влошување со пандемијата на коронавирусот.

Економијата на САД ослабе во последните неколку недели по одредено закрепнување од длабоката рецесија на почетокот на пролетта.

Неодамнешното зголемување на бројот на нови случаи на инфекција со коронавирусот во САД и во странство е „особено загрижувачко“ за економијата, изјави денеска претседателот на ФЕД, Џером Пауел.

„Сите имаме улога да играме“, рече Пауел на прес-конференција, повикувајќи со совети од здравствени експерти за одржување социјална дистанца и носење маски на јавно место, што ќе помогне да се врати економијата на патот кон растот.

Тој рече дека е тешко веројатно целосно закрепнување на економијата се додека луѓето не се уверат дека сигурно ќе продолжат со широкиот спектар на активности.

 

Забрането превземање на содржината без претходно одобрение од редакцијата на БанкоМетар.мк