Финалето на Светското првенство во фудбал уште еднаш покажа зошто овој турнир е една од највредните медиумски содржини во светот. Телевизиската гледаност нагло растеше додека националните репрезентации остануваа во натпреварувањето, но и по нивната елиминација милиони гледачи го следеа финалето меѓу Шпанија и Аргентина. За телевизиите и огласувачите, турнирот повторно ја потврди исклучителната вредност на преносите во живо.

Финалниот натпревар привлече внимание и надвор од спортот. На стадионот присуствуваа бројни светски познати личности, меѓу кои Џастин Бибер, кој настапи на полувремето, потоа Бијонсе, Џеј-Зи, Ријана, A$AP Rocky, Тимоти Шаламе, Том Круз, Хавиер Бардем, Пенелопе Круз, Дејвид и Викторија Бекам, Серена Вилијамс, Том Брејди, Карлос Алкараз, Роналдо и Роналдињо, дополнително нагласувајќи го глобалното медиумско влијание на Светското првенство.

Шпанија, која ја освои титулата со победа од 1:0 над Аргентина, оствари и рекордна телевизиска гледаност. Финалето го следеле во просек 15,7 милиони гледачи, со извонреден удел во гледаноста од 87,1% на каналите RTVE La 1, 3Cat, La 2 и DAZN, додека вкупниот досег достигнал 20,1 милиони луѓе. Ова е најгледаниот натпревар од Светско првенство во историјата на Шпанија и вториот најгледан телевизиски настан во историјата на земјата.

По елиминацијата на домашните репрезентации, гледаноста опадна во повеќе европски земји. Во Франција полуфиналето против Шпанија привлече 20,2 милиони гледачи и удел од 73%, додека финалето го следеле 12,24 милиони гледачи со удел од 59,2%, што претставува пад од околу 8 милиони гледачи и речиси 14 процентни поени.

Во Обединетото Кралство полуфиналето на Англија против Аргентина имало просек од 22,1 милиони гледачи и максимум од 24 милиони на BBC One. Финалето сепак го следеле во просек 13,9 милиони гледачи, со врв од 15,8 милиони и удел од 64% на BBC One и iPlayer, додека ITV достигна врвна гледаност од 3,4 милиони гледачи.

Италија, иако не успеа да се пласира на турнирот, исто така забележа висока гледаност. Финалето меѓу Шпанија и Аргентина го следеле околу 12,5 милиони гледачи на RAI-1, со просечен удел од 65%, кој за време на продолженијата се искачил на 74%. Овие резултати покажуваат дека големите меѓународни спортски настани и понатаму доминираат во телевизиските програми во ударниот термин.

Одличните резултати дополнително ја зголемија вредноста на медиумските права. Силната гледаност на Fox во САД веќе ги поттикна шпекулациите дека големите дигитални видео сервиси на компании како Netflix, YouTube и Apple би можеле да се вклучат во трката за правата за следните Светски првенства. Претседателот на ESPN, Џими Питаро, потврди дека компанијата е заинтересирана да конкурира за американските телевизиски права.

Финансиските бројки најдобро ја покажуваат комерцијалната моќ на Светското првенство. Fox плати 485 милиони американски долари за правата за пренос на турнирот во 2026 година, а заедно со Telemundo се очекува да оствари околу 850 милиони американски долари приходи од огласување. Само Fox, според проценките, заработил до 250 милиони американски долари од рекламите емитувани за време на паузите за хидратација, што уште еднаш ја потврдува огромната вредност на спортските преноси за медиумската и огласувачкара индустрија.