Министерството за финансии преку одговор до Алсат М им порача на обложувалниците, кои негативно реагираат на новиот закон за игрите на среќа, дека прво и основно мора да се заштити општеството од негативните трендови. Обложувалниците вчера заеднички порачаа дека ќе се затвораат уплатни места со скапата лиценца што ќе се воведе.

 

Министерството за финансии во борба со се поголемиот број на обложувалници драстично ќе ги заостри условите за добивање на лиценца. Се планира да се затвораат дел од обложувалниците кои нема да остваруваат добивка. Ќе се воведе нова давачка на спортските обложувалници од 1.600 евра месечно од уплатно место дури и ако работат со загуба. Новина е и тоа што лиценците ќе чинат дупло од сегашните, но и ќе траат подолго. Наместо три, сега лиценците ќе траат шест години. Наместо 100 илјади евра, со измените на Законот за спортски обложувалници, за шест години ќе се плаќаат 200 илјади евра. Но, за овие пари ќе може да се отворат само 50 уплатни места. Ако сакаат да се отворат над тој број, мора да се извади нова лиценца и за таа да се плати нови 200 илјади евра.

Од Министерството за финансии велат дека до нив нема пристигнати забелешки.
„По однос на новиот Нацрт на Закон за игри на среќа, објавен на ЕНЕР на 5 април, до Министерството за финансии до сега нема пристигнато сугестии и забелешки. По писмен пат забелешки и сугестии по овој Нацрт, согласно Законот, може да се доставуваат до крајот на месецот. Целта на овој Закон е да се стави регулација на еден брзо растечки сектор во насока на општествена одговорно и заштита на младата популација“, велат од Министерство за финансии

Новина е и тоа што ако во некоја од обложувалниците инспекцијата затекне малолетно лице, има право веднаш да му ја одземе лиценцата за работа на приредувачот на игри на среќа.

Извор: Фактор